Спасов: Поништувањето на мојата лустрација е доказ дека судството се ослободува од прангите на Груевски!

by fokus

Укинувањето на решението со кое беше лустриран, за екс министерот за правда и поранешен амбасадор, Ѓорѓи Спасов е само уште еден доказ за целосната незаконитост и неправедност на лустрацијата во целина.

Во изјава за „Фокус”, Спасов вели целата лустрација беше монструозна лакрдија на власта за заплашување на неистомислениците, за политичка пресметка со критичарите  и за етикетирање  со „кодош” на сите за кои се порачуваа лустрации.

-Со лустрацијата која беше спроведувана со Закон за дополнителен услов за обавување на јавна функција, беа лустрирани и починати лица, лица на смртна постела и беа направени болни нови неправди кон многумина како мене и кон членови на нивните семејства. Тој Закон беше политички инструментализиран, од Груевски и неговата владеачка тајфа,  за пресметка со неистомислениците со власта и со нејзините критичари а во тие гадости беа вовлечени Комисијата но и судството. Се што се случуваше во тој процес ќе остане само како уште една црна дамка во македонската политичка историја од која ќе се срамат лустраторите но и нивните потомци – вели Спасов.

Сепак, одлуката на Управниот суд за поништување на неговата лустрација, за него претставува надеж дека судството конечно се ослободува од прангите на власта.

-Оваа одлука на Управниот суд е сепак и знак за надеж. Тоа е надеж дека дел од судството се ослободува од политичкиот притисок, од прангите на власта на Груевски и станува свесно дека граѓните ако не ја добијат правдата од македонските судови во областа на заштитата на нивните граѓански права, ќе ја добијат од Европскиот суд за човекови права во Стразбург. Фактот што и по низа години, непрвада,  може да се жалиме на одлуките од домашното судство пред Европскиот суд за човекови права во Стразбург веројатно влијае врз судството пополека но сигурно да се придржува до домашното законодавство и до европското право – посочи Спасов.

На крајот, тој им се заблагодари на сите кои верувале во него и му давале поддршка во докажувањето на вистината.

Спасов беше лустриран во 2014-та година, а Управниот суд годинава го поништи решението со образложение дека фактичката состојба е погрешно утврдена и истата е заснована на нерелевантни докази. Ова решение, неговиот адвокат го добил вчера, иако било донесено пред шест месеци.

Ирена Каревска

Поврзани новости