ФОКУС: ВМРО-ДПМНЕ вчера за првпат многу остро реагираше на резултатите од вашата анкета презентирана во „Фокус“. Најтешко обвинување е дека испитувањето е лажно.
Партијата на Груевски не понуди докази врз основа на кои го темели тој став, ама можете ли Вие да ни понудите аргументи зошто да веруваме во резултатите на Вашето испитување и во професионалноста на вашата агенција „Рејтинг“?
Ве прашуваме бидејќи претпоставуваме оти реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ тргнува од фактот што вашиот татко бил поранешен функционер на СДСМ.
СПАСОВ: Очекувано беше дека анкетата ќе привлече многу внимание бидејќи резултатот според многумина е изненадувачки. По многуте изборни порази на опозцијата, никој не верува дека таа на овие избори може да оствари добар резултат. Но, искрено реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ за мене е разочарувачка. Нашата агенција досега прогнозираше 5 изборни победи за ВМРО и тогаш не се сеќавам дека имало каква било реакција.
Дополнително, навистина е срамно неосновано да се дискредитира агенција со која ВМРО-ДПМНЕ имала соработка и на која реално ѝ верува. Нашата агенција има соработувано со сите политички партии, вклучително и со ВМРО-ДПМНЕ за што има докази и ова што се прави е секако само обид да се дискредитираат резултатите. Она што не го знаат е дека тоа не им носи поени, ниту, пак, ќе влијае врз резултатот.
Е сега околу резултатите и довербата во нив. „Рејтинг“ е единствената агенција што во последните неколку циклуси истражувањата ги прави по нарачка на медиуми, во редовни интервали (месечни или двомесечни) и по методологија која јас лично тврдам дека е меѓу најдобрите, ако не и најдобра во Македонија. Ова го кажувам за политичките истражувања.
Но, да го тргнеме тоа на страна, може да се погледнат и прогнозите што ги објавивме од 2008 година наваму. Тоа е единствениот начин да се следи релевантноста на една агенција. Само за потсетување, на последните избори „Рејтинг“ прогнозираше победа на Андреј Жерновски во Центар со прецизност од 0,3 отсто користејќи ја истата методологија како за оваа анкета. Во 2011 година, прогнозиравме победа со 100.000 гласови предност за ВМРО, а тие победија со 70.000, што значи дека прогнозата дури била во нивна блага корист.
И трето, во 2009 година прогнозиравме победа со точносто од +/-2 отсто за актуелниот претседател Иванов. Дополнително, имаме успешни прогнози за многу други општини на локалните избори што не се објавени. Така што нема потреба премногу да се брани методологијата или да се бараат причини за дискредитација. Резултатите го кажуваат своето.
ФОКУС: Меѓу вашите и резултатите на другите испитувачи на јавното мислење, како на пример „Павел Шатев“ и „Димитрија Чуповски“, навистина има голема разлика во резултатите. Зошто е тоа така?
СПАСОВ: Јас не сакам да коментирам како се работат нивните анкети, ако воопшто се работат. Повторно може да се повикаме на минатите прогнози и да се види каде и колку секој од овие институти грешел. Еве ќе ги земеме предвид последните прогнози на „Чуповски“ за изборите во 2011 година.
Институтот „Димитрија Чуповски“, сѐ до денот на изборите во 2011 година, објавуваше дека ВМРО–ДПМНЕ на парламентарните избори што се одржаа на 5 јуни таа година ќе победи со разлика поголема од 2-1. Неговата последна прогноза објавена на 30 мај таа година гласеше дека рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ е 26,7 отсто, а рејтингот на СДСМ само 12,9 проценти или разлика од 2,06-1 во корист на владејачката партија.
Изборите одржани само две недели подоцна од објавањето на овој резултат покажаа дека ВМРО – ДПМНЕ победи на тие избори со многу мала разлика, односно разликата во освоените гласови беше 1-1,18 во корист на владејачката партија. Таа последна прогноза на „Чуповски“ пред изборите покажа дека процентот на можните гласови за СДСМ во неговата анкета бил намален дури за 60 отсто.
ФОКУС: Јавноста реално не знае кој стои зад „Павел Шатев“ и зад „Димитрија Чуповски“. Вие сте подолго во овој бизнис на испитување на јавносто мислење, знаете ли кој од Вашите колеги, со име и презиме, ги работи нивните испитувања? Се препознава ли нечиј професионален печат во изработката на тие истражувања?
СПАСОВ: Не, за жал, јас воопшто не познавам никој од тие институти, ниту никогаш сум видел нивна изјава во медиумите. За професионалноста не можам да зборувам, навистина не знам како ги прават истражувања, ниту некогаш јавно образложиле нешто повеќе за нивната работа. Од друга страна, пак, колегите од другите агенции и институти многу добро ги познавам, меѓусебно се почитуваме и имаме коректна соработка.
ФОКУС: Која е поентата на постоењето на овие институти како „Шатев“ и „Чуповски“?
СПАСОВ: Секаде во светот овие партиски институти или тинк тенкови се во функција на креирање на политиките на самата партија. Тие се еден вид инкубатори каде што се прават истражувања и анализи за потребите на партијата и каде што се креираат стратегиите и политиките. Тие играат многу значајна улога во носењето стратегиски одлуки и во креирањето на програмите.
Кај нас, за жал, партиските институти се користат само како алатка за спинување, за објавување анализи и за истражувања за креирање јавно мислење и организација на настани кои имаат за цел единствено да ја промовираат политиката на партијата. Оттаму, тие не се ништо друго, освен уште еден канал низ кој може да се пласираат политки и пораки во интерес на одредена политичка структура.
ФОКУС: Дали би излегле на мегдан со луѓето од „Шатев“, „Чуповски“, па и од ВМРО-ДПМНЕ да дебатирате за разликите во вашите истражувања?
СПАСОВ: Секако дека да, и тоа со големо задоволство. Но, не верувам дека тоа ќе се случи, досега никогаш не сум видел претставници на тие институти да дебатираат за своите истражувања. За волја на вистината, ниту политичарите веќе не дебатираат кај нас, па што останува за партиските институти.
ФОКУС: Денеска ве обвинуваат дека ретерирате со тоа што вчера во дебатна емисија Ѓорѓи Спасов рече дека е изборна прогноза, а не анкета. Но, вие прогнозите ги темелите на анкети. Како го објаснувате ова?
СПАСОВ: А што е објавената анкета на една недела пред изборите, ако не изборна прогноза? Каде е тука забуната? Станува збор за големо непознавање и за намерна дискредитација. Нашите прогнози се темелат на анкетите што ги изработуваме по врвна и, пред сѐ, по проверена методологија. Оттука, јас немам никакви дилеми во точноста на она што го објавивме, секако во рамките на стандардната грешка за ваквите истражувања.
Дополнително, напредните истражувачки центри во САД, да речеме, при правењето изборни прогнози, покрај анкетата, предвид земаат низа други статистички индикатори и ги инкорпорираат во модел со кој ги прогнозираат изборите.
Оттаму, критиката дека ова не е анкета, туку прогноза укажува само на големо непознавање на тоа како реално се користат истражувањата за изборни прогнози. И на крај, ако анкетите не се изборни прогнози, зошто се прави анализа на точноста по изборите? Тогаш тоа би немало смисла, нели?