Спасеновски за можната претседателска кандидатура: Листата е драстично скусена и на неа се наоѓа моето име

by Fokus

Може да потврдам дека повеќе месеци наназад моето име е дел од анкетите што се прават во ВМРО-ДПМНЕ поврзани со евентуалната моја претседателска номинација.

Како што и самата партија потврди во повеќе наврати, на почетната листа од 20-тина личности се наоѓа и моето име, а во меѓувреме, таа листа е драстично скусена и на неа повторно се наоѓа моето име. Ова во интервју за весникот „Коха“ го открива универзитетскиот професор и поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Спасеновски.

„Овој исход претставува сатисфакција во два дела: прво, тоа претставува валоризација на моите ставови; второ, овој одличен резултат е постигнат без било какви задкулисни сугестии, лобирања или влијанија во самата партија“,

Тој нагласува дека внатрепартиската дебата се приближува до финалето, а какви ќе бидат резултатите од таквата дебата, не може со сигурност да потврди.

“Знам дека заедно со нашиот тим во континуитет трпеливо го афирмираме нашиот поглед на нештата и веруваме во исправниот карактер на нашите идеи. Јасните сигнали на поддршка на – верувам ‘тивкото мнозинство’ членови на партијата се убава потврда за ова што го говорам.

Сосема на крај, да заклучам: сатисфакција би била можната кандидатура за претседател на државата, но последниот збор го има партијата и тоа го почитувам“,вели Спасеновски во интервјуто за „Коха“.

Поврзани новости