Пологично е поголема излезност да има во првиот круг, зашто има стотици кандидати за градоначалници и советници кои имаат личен интерес, коментира универзитетскиот професор и политички аналитичар Александар Спасеновски, откако вториот изборен круг заврши со отприлика иста излезност, а во многу општини имаше и зголемена излезност.
-Тоа се должи поради променетата реторика и користењето на алатката на негативната камања. Тоа влијае мобилизирачки во рамки на кампусите на клучните политички конкуренти, што се случува кога многу се крева влогот дали ќе продолжи истото. На тој начин се постигнува мобилизирачки ефект кај двете страни и во власта и опозицијата, но кај партиските приврзаници – рече Спасеновски на МРТВ.
Според него, на овие локални избори се потврдило дека и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ изгубија дел од гласовите, кои, како што рече, заминале на други места. Тој додаде дека Петре Шилегов од СДСМ освои 70 илјади гласа помалку отколку пред 4 години, но и кандидатката поддржаната од ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска освоила помалку гласови од тие на Коце Трајановски пред 4 години.
-Тој пакет од гласови што излегоа од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ заминаа некаде. Некои останаа дома, а голем дел гласаа за други кандидати. Тројцата најдобри кандидати после Шилегов и Арсовска – Георгиевски, Шаќири и Петровска имаат 15-20 отсто поддршка, што е значителен резултат и индикатор – рече Спасеновски.