Десет годишно момче од Шпанија е спасено откако осум часа се држело за дрво за да се спаси од поплавите кои однесоа најмалку пет животи. Голем дел од земјата беше зафатен од рекордни обилни дождови во текот на викендот, објави Гардијан.
Семејството на момчето престојувало во својата викендичка во Алдеа дел Фресно, западно од Мадрид, кога почнало невремето во неделата. Вознемирени од поплавите, тие се качиле во својот автомобил доцна во неделата навечер, но набрзо се нашле однесени. Момчето е пронајдено, валкано и помодрено, но сепак живо, следното утро – како и неговата мајка и сестра. Неговиот татко се уште се води како исчезнат.
-Сиротото момче ја помина ноќта качено на дрво, изјави Изабел Дијаз Ајусо, претседателка на регионот Мадрид.
Две лица загинаа во централната провинција Толедо како последица на невремето, изјави шефот на регионалната влада на Кастиља Ла Манча, Емилијано Гарсија-Пејџ, не наведувајќи детали.
Шпанските медиуми јавија дека еден маж бил пронајден мртов од полицијата за време на обидот за спасување на пат во близина на градот Баргас, додека уште еден маж починал додека спасувачите се обидувале да дојдат до него во градот Казарубиос дел Монте. Се претпоставува дека се удавил во лифт додека се обидувал да пристапи до гаражата каде што бил паркиран неговиот автомобил.
Полицијата вчера попладне соопшти дека во близина на река во градот Камарена, исто така во провинцијата Толедо, е пронајдено тело на маж.
Во меѓувреме, две лица кои отидоа да се искачуваат во провинцијата Хуеска, во североисточна Шпанија, исто така загинаа во обилните дождови. Три лица се уште се водат како исчезнати.
Луѓето во Мадрид беа предупредени за итната состојба во неделата со силен аларм преку СМС порака што беше испратена до нивните мобилни телефони. Тоа беше прв пат властите да го користат овој систем за предупредување за мобилни телефони.