Незадоволството кое произлегува од нерешавањето на основни комунални проблеми, урбано дивеење, бетонизација, продавање на државно земјиште и национално природно богатство, жителите на селата и викенд населбите во Мавровскиот регион го искажаа денес преку предупредувачки протест.
-Жалосна е состојбата во Мавровскиот регион. Иницијативата е поддржана од 2050 луѓе, сопственици на куќи и викендици. Пред се е потребна урбанистичка планска документација, до донесување нов урбанистички план да престане продажбата на државно земјиште и да се стопира издавањето на дозволи за градби бидејќи ние се соочуваме со сериозни проблеми од недостаток на вода која или ја нема или е контаминирана. Се гради насекаде, долж езерото, се сече шума, тоа навистина е недозволиво за еден од најголемите и најзначајните Нaционални паркови во земјава. Исто така нема да дозволиме пренамена и на автокампот, бидејќи и таму се планираат некакви градби, вели за „Фокус“ Верица Илиќ од организацискиот одбор на „Спас за Маврово“.
Таа појаснува дека се користи политичкиот вакуум простор и константно продолжуваат градежните работи, притоа никој не води грижа ниту за националниот парк, ниту за биодиверзитетот, а најмалку за луѓето во Мавровскиот регион.
На денешниот протест присутните велат дека надлежните институции останале глуви на нивните барања за решавање на овие проблеми, а единственото решение за рушење на дивоградби се уште не е реализирано, состојбата во регионот е аларманта и доколку ништо не се преземе, еден од најубавите предели во земјава ќе го изгуби и она малку што останало од препознатливиот сјај. Мавровчани побараа мораториум на градбите и носење на Детален урбанистички план..
-Градежниот инспекторат од општина, да го спроведе решението за рушење на деветте дивоградби во склоп на Радика ресорт. И покрај добиено извршно решение Радика продолжува со градба, да се направи ревизија на сите градби околу Мавровско езеро со претставници на иницјативниот одбор на граѓањи и инспектори од иницијативниот одбор, велат од иницијативниот одбор „Спас за Маврово“
Маврово е национален парк, но велар дека сепак тоа многумина не го почитуваат.
Тие бараат сите објекти околу езерото да направат пречистителни станици, а не сметот кој што се создава да го испуштаат во езерото да продолжи да го убива водниот свет.
-Постоечката општина ни направи да не можеме да дојдеме до езеро, бидејќи езерото е загадено, да нема веќе ракови 15 години, рибата доживеа масовен помор. Имаме патна инфраструктура и по која со џип одвај се поминува, за со лесна кола и да не зборуваме, еве денеска разбрав дека минатат недела повторно е дадено земјиште кај учлилиштето во Маврови анови каде ќе никне хотел со 100 соби, појаснува за „Фокус“ Верица Илиќ, од иницијативата „Спас за Маврово“.
Желбата на жителите е Маврово да се одвои од општина Ростуше, бидејќи целиот приход кој што го собира општината се вложува во Ростуше, а со ова темпо велат, од Маврово нема ништо да остане.
Угостителите загрижени дека поради загадувањето на водите и уништувањето на природата ќе има штети за туризмот.
Од Иницијативниот одбор на протестот велат дека доколку не се прогласи мораториум и не се исполнат нивните барања, ќе покажат граѓанска непослушност со неплаќање сметки и ќе организираат блокада на патишта.
Општината има и друг проблем, во првиот круг на локалните избори немаше доволна излезност на гласачите, односно таа беше под законски пропишаните 33 проценти од запишаните избирачи, па затоа Владата ја донесе одлуката со цел да нема застој во работењето досегашниот градоначалник од редовите на СДСМ Медат Куртовски да биде именуван за владин повереник за општината Маврово-Ростуше.
С.Т.