На 13 ноември, в сабота, жителите на Леуново, Никифорово, Маврови Анови, Маврово и сопствениците на викендици околу Мавровското Езеро ќе протестираат против негрижата на Општина Маврово и Ростуше и Националниот парк да ги реши бројните проблеми со кои населението од овој регион се соочува. Протестот ќе се одржи на паркингот пред скијачкиот центар Маврово во 12 часот.
„Спас за Маврово“ е слоганот под кој ќе протестираат мавровчани и на овој начин со нов протест од општината ќе побараат решавање на бројните проблеми со кои се соочуваат –урбаното дивеење и бетонизирање, дивоградбите, снабдувањето со вода и струја, нередовното собирање на ѓубрето, локалните патишта, загадувањето на езерото, неконтролираната сеча на шумите. Тие исто така бараат средствата што се слеваат во општинскиот буџет од комуналиите и таксите да се инвестираат во Мавровскиот регион.
-Жалосна е состојбата во Мавровскиот регион. Иницијативата е поддржана од 2050 луѓе, сопственици на куќи и викендици. Пред се е потребна урбанистичка планска документација, до донесување нов урбанистички план да престане продажбата на државно земјиште и да се стопира издавањето на дозволи за градби бидејќи ние се соочуваме со сериозни проблеми од недостаток на вода која или ја нема или е контаминирана. Се гради насекаде, долж езерото, се сече шума, тоа навистина е недозволиво за еден од најголемите и најзначајните НАционални паркови во земјава. Исто така нема да дозволиме пренамена и на автокампот, бидејќи и таму се планираат некакви градби, вели за „Фокус“ Верица Илиќ од организацискиот одбор на „Спас за Маврово“.
Таа појаснува дека се користи политичкиот вакуум простор и константно продолжуваат градежните работи, притоа никој не води грижа ниту за националниот парк, ниту за биодиверзитетот, а најмалку за луѓето во Мавровскиот регион.
Општината има и друг проблем, во првиот круг на локалните избори немаше доволна излезност на гласачите, односно таа беше под законски пропишаните 33 проценти од запишаните избирачи, па затоа Владата ја донесе одлуката со цел да нема застој во работењето досегашниот градоначалник од редовите на СДСМ Медат Куртовски да биде именуван за владин повереник за општината Маврово-Ростуше.
С.Т.