Со победата синоќа против Јувентус, Наполи направи многу важен чекор кон титулата, но мора да почекаме уште малку пред да го отвориме шампањот, изјави тренерот на фудбалскиот клуб од Неапол, Лучијано Спалети.
„Ова е важна победа на патот до конечната победа, па нормално е играчите да слават. Кога ќе добиете ваков натпревар во судиското надополнување, среќата е уште поголема“, изјави Спалети.
Фудбалерите на Наполи синоќа во Торино го победија домашниот Јувентус со 1:0, во натпреварот од 31. коло на Серија А.
Стрелец на единствениот гол беше Џакомо Распадори во третата минута од судиското надополнување, по асистенција на македонскиот фудбалски репрезентативец, Елиф Елмас.
Наполи е прв на табелата со 78 бодови, 17 повеќе од второпласираниот Лацио на шест кола пред крајот на сезоната.
Следниот викенд Наполи ќе ја има првата можност математички да го потврди скудетото, а 64-годишниот Спалети да стане најстариот тренер кој ја освоил титулата во Серија А и да го собори рекордот поставен од Маурицио Сари во 2020 година, кој беше шампион со Јувентус на 61 година.
„Никогаш не сум патувал прва класа со седиште на прозорецот, секогаш сум возел автостоп. Но, тоа што сега сте во позиција да го освоите Скудетото ви враќа за сите тие жртви“, изјави поранешниот тренер на Емполи, Рома, Зенит и Интер.