Спакувале 38 килограми марихуана во најлони и во патнички торби сакале да ја пренесат преку Македонија во Грција

by Fokus

Секторот за Внатрешни работи Битола вчера до Основното јавно обвинителство поднеле кривична пријава против Р.А.(45) и Б.Г.(33), и двајцата од Република Албанија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, предвидено и казниво по член 215 став 1 од КЗ на Република Македонија.

Според полицијата,  двајцата пријавени заедно со уште едно непознато лице, откако неовластено  набавиле опојна дрога марихуана, ја  спакувале во вкупно 38 најлонски паковки, ја ставиле во две патнички торби и  од  Албанија се упатиле преку  Македонија да извршат транспорт на марихуаната во Грција.

Во ноќта меѓу сабота и недела околу 01,30 часот од страна на полициски службеници од ПС за ГП и ГН „Меџитлија“, тие биле забележани во близина на напуштената караула Лажец и на дадена наредба да застанат тројцата се дале во бегство. По кусо време Р.А. и Б.Г. се фатени во непосредна близина на граничната линија со двете торби со марихуана, додека третото лице се упатило во непознат правец. Од извршената анализа утврдено е дека во торбите има 38 најлонски паковки со марихуана со вкупна нето маса од 38,1 килограми. Во торбите имало и 201 грам хашиш и околу 350 милилитри хашишова смола. Од страна на Судија за претходна постапка при Основен суд – Битола, на двајцата пријавени одредена им е мерка притвор во траење до по 30 дена.

Поврзани новости