Службата за општи и заеднички работи не знае како Секјуриком ги троши парите кои месечно и ги исплаќаат според склучениот договор, а кои треба да ги добијат вработените.
Од таму за Фокус велат дека овие прашања не се од јавен карактер и не се однесуваат на работата на Службата, па не испратија вакви информации да побараме од Секјуриком.
„Како економскиот оператор Секјуриком ги користи парите што ги добива од Службата, според неколкуте склучени договори, на Службата не може да и биде познато. Немаме ниту право ниту обврска да водиме сметка на што Секјуриком ги троши парите кои ги заработува. Ние ја следиме реализацијата на договорите од аспект дали е навремено исчистено, дали се отстранети дефектите, дали работат беспрекорно телефонските централи, дали се обезбедуват објектите 24 часа и слично“, велат од СОЗР.
Во меѓувреме, Секјуриком се уште доцни со платите за вработените. Од петок, фирмта треба да почне со исплаќање на месечните приходи за месец мај, но тие се уште ги немаат исплатено платите за април.
Од Секјуриком на вработените им рекле дека ако смогнат сили ќе исплателе половина плата до петок, а им се заканувале на вработените со чистка бидејќи информациите за доцнењето и низа други незаконски работи стигнале до медиумите.
Од Секјуриком претходно за Фокус изјавија дека никогаш не доцнеле со плати и дека нема тоа да се случува во иднина, но вработените го тврдат спротивното.
Според информациите на Фокус, Трудовата инспекција има добиено низа пријави за Секјуриком, но од таму не откриваат до каде се случаите отворени за оваа фирма.
Австриската компанија претходно беше под истрага од финансиската полиција, случај за кој екс директорот на СОЗР, Васе Доневски е во притвор, а сопственикот на Секјуриком остана без патна исправа.
Името на фирмата се најде и во обвинението на Специјалното јавно обвинителство за случајот „Титаник“, според кое Секјурком и Трансмет, фирмата опфатена со обвинението „Труст“, ја плаќале опремата и рекламниот материјал за изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ.
Александар Тодески