Зборчето „нова“ пред „иднина“ ја прави целата кованица еден вид тафтологија. Зошто? Па, иднината е секогаш нова. Може судбината да ти се повтори, но не и иднината
Ѓорѓи СПАСОВ
ВМРО-ДПМНЕ преку своите билборди од секој агол ни порачува: Создади нова иднина! Слоганот звучи како да наредува во стилот од времето на Груевски, кој низ постојани кампањи ни наредуваше: Купувај македонски производи! Раѓај трето дете! Ти си Македонија!
Се сеќавам како покојниот Никола Младенов го пародираше тој стил велејќи „Груевски ни влезе во спалните соби и од сите страни како да слушам дека сака да нѐ построи со некакви наредби – стани, вежбај, биди подготвен, излези гласај, имај секс!
Оттука, овој слоган „Создади нова иднина“ звучи многу бајато и потсеќа на комуникациската матрица на ВМРО-ДПМНЕ од времето на Груевски. Освен што граматички е погрешен слоганот и требало да гласи „Создај нова иднина“, а не „Создади нова иднина“, многу посмешна е „новата иднина“. Зборчето „нова“ пред „иднина“ ја прави целата кованица еден вид тафтологија. Зошто?
Па, иднината е секогаш нова. Може судбината да ти се повтори, но не и иднината. Во политичката историја имаше слогани и пароли за создавање „светла иднина“, за создавање „среќна иднина“, ама никој се немаше сетено досега за создавање „нова иднина“.
СО СТАРИ КАДРИ И РЕТОРИКА
Мицкоски и дружината, кои се прославија, пред сѐ, со градење „ново минато“ преку проектот „Скопје 2014“, сега решиле да направат „нова иднина“ бидејќи се сметаат себеси за нов тим, нова партија и тие не можат да градата каква било иднина, туку и таа мора да биде „нова“.
Минатите генерации на истата партија имаа еден слоган, кој гласеше „Иднина наместо судбина“ и многу бргу потоа од истите тие видовме дека небиднината ни била со нив и иднина и судбина.
Од друга страна, малку кој може да верува дека луѓето како Мицкоски , кој е поранешен советник и функционер во владите на Груевски, можат да понудат некоја различна политика од таа што ја застапуваа и спроведуваа од 2006 до 2017 година. Таа „различна политика“, која тие сега ја нарекуваат „нова иднина“, не може да биде изградена со стар лидер со стари кадри и со стара реторика.
Груевски од 2003 година, кога дојде на чело на партијата, можеше да каже дека нуди нешто различно, но тој тогаш јасно се дистанцираше од Љубчо Георгиевски и од дотогашната надворешна политика на Георгиевски, па и политиката кон Албанците. Груевски ветуваше реформи и борба против корупцијата пред светот да разбере дека тоа значело контрола на сѐ и сешто во земјава, невиден криминал и воведување системска корупција во сите сфери на живеењето.
Сѐ што видовме во процесите што се случуваа тие години не беше „нова иднина“, туку „ново минато“. Не може никој да заборави дека Мицкоски, Ѓорчев, Илија Димовски и Антонио Милошоски, кои и сега раководат со партијата и кои седат во „белата палата“, која е симбол за коруптивно однесување на една партија, можат нешто ново и различно да ѝ понудат на Македонија.
„АГА СО ЛАГА НЕ БИДУВА“
Тие се прославија со политиката на „ново минато“, ново античко минато, ново криминално минато, ново минато во етнички тензии и злоупотреби, ново минато на поделби. Не може оваа партија да создаде нова иднина, бидејќи историјата покажа дека од нив може да се очекува само ново, но сепак исто минато.
Оттука со право може некој да се праша, дали зад слоганот „создади нова иднина“ не се крие намерата на Мицкоски и неговата дружина да создаваат уште ново минато како „Скопје 2014“, можеби сега ќе се вика „Скопје 2030“, но пак ќе биде старо.
Не е многу далеку од умот човек да се посомнева дека луѓето со „славно минато во главите“ се далеку од можност за создавање пристојна иднина за граѓаните, дури и ако им дадеш можност со некоја општина да управуваат.
Оттука бројни кандидати за важни места во локалната самоуправа, од Град Скопје до Општина Центар, себе се прогласуваат за независни кандидати од партијата што ги поддржува и која ги плаќа нивните кампањи. И веднаш се фатени во лага. Тоа не е „нова иднина“. Тоа е стар трик, кој е веќе виден од истата партија.
„Нова иднина“ со стари лаги не бидува. Или, како вика поговорката „Ага со лага не бидува“.
И кога ќе видам на билборди од секое ќоше во градов огромен слоган „Создади нова иднина“, си мислам, мене ли ми наредува овој или оваа што не ги познавам на ти или на некој негов маалски другар што го знае или ја знае од дете дека лаже.