Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите ја отфрли жалбата на Агенцијата за разузнавање што ја поднесе против „Фокус“ за текстот „Сопругата на Стојанче Ангелов од МВР унапредена во Агенција за разузнавање?“, објавен на веб-страницата на неделникот „Фокус“.
Советот за етика констатира дека „Фокус“ не ги прекршил етичките и професионални стандарди.
ЖАЛБА
До извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на 2-ри ноември 2022 година, Агенција за разузнавање на Република Северна Македонија, поднесе жалба за текстот со наслов „Сопругата на Стојанче Ангелов од МВР унапредена во Агенција за разузнавање?“, објавен на 8-ми октомври 2022 година на веб-страницата на неделникот „Фокус“ (www.fokus.mk).
Во жалбата се наведува дека оспорениот текст содржи неточно и нефер известување, пристрасност и неурамнотеженост во информирањето, мешање на факти и мислење, вест и коментар, нарушување на приватноста и повреда на начелото дека новинарот треба да ги почитува законите во државата, но нема да објави или скрие нешто што е спротивно со јавниот интерес.
Според горенаведеното, жалителот цени дека во содржината се прекршени членовите 1, 5, 7 и 13 од Кодексот на новинарите. Во претставката, потпишана од директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, се вели дека во текстот на „Фокус.мк“ се изнесени невистинити факти и дезинформации со намера да му се наштети на угледот на Агенцијата.
Жалителот смета дека текстот е сензационалистички и тенденциозно напишан во прашална форма, поради како што оценува, да би можела новинарката да се заштити од евентуален спор доколку не би можела да го докаже своето тврдење.
Од Агенцијата наведуваат дека употребената формулација била со цел искривување и манипулирање на информацијата, со намера да прикаже дека лицето Јасминка Ангелова е унапредена во Агенцијата за разузнавање и да ги доведе читателите во заблуда.
Ова и од причини, што подолу во текстот стоело дека извори од МВР потврдиле оти таа повеќе не била вработена во МВР, но на прашањата на медиумот за нејзините квалификации, за одговор била упатена во Агенцијата.
Оттука, жалителот потенцира дека авторката на текстот наместо да се обрати на официјалните контакти на Агенцијата за разузнавање, таа преку „Вибер“ го контактирала директорот на Агенцијата, Еролд Муслиу, кој ѝ посочил дека не може да ѝ одговори на прашањата околу кадровскиот состав на институцијата и ја потсетил дека таквите информации подлежат на законски ограничувања заради класифицираниот карактер.
Од Агенцијата велат дека и покрај тоа, новинарката го објавила идентитетот на вработената, што било спротивно на Законот за Агенцијата за разузнавање, според кој, податоците за идентитетот и личните податоци за вработените се сметаат за класифицирани информации. Во овој контекст, жалителот упатува на прекршување на член 5 од Кодексот на новинарите, според кој, новинарот ќе ги почитува законите во државата, но нема да објави или скрие нешто што е спротивно со јавниот интерес.
Понатаму, подносителот на жалбата нагласува дека во однос на манипулативниот карактер на текстот и насловот поставен во прашална форма, медиумот ја довел во заблуда јавноста, на начин што не дал никакво објаснување на поставената „дилема“, освен коментарот дека директорот на Агенцијата не можел да ги коментира прашањата поврзани со кадровскиот состав.
Согласно горенаведените жалбени наводи, од Агенцијата за разузнавање упатуваат дека во предметниот текст на „Фокус.мк“ се прекршени неколку членови од Кодексот на новинарите и од Насоките за етичко известување на онлајн медиумите.
ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ
Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби, по приемот и разгледувањето на жалбата, стапи во контакт со неделникот „Фокус“ и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата.
Авторката на оспорениот текст, Фросина Факова – Серафиновиќ, одговори на наводите на жалителот при што уверува дека информацијата за тоа дека Јасминка Ангелова била трансферирана во Агенцијата за разузнавање е точна, бидејќи прво била потврдена од неофицијален извор, а потоа и од официјално лице од Министерството за внатрешни работи и дека за изнесената информација немало никаков демант од Агенцијата за разузнавање.
Во врска со насловот за кој жалителот вели дека е сензационалистички и тенденциозно напишан во прашална форма, новинарката на „Фокус“ појаснува дека прашалникот во насловот бил ставен затоа што токму од Агенцијата за разузнавање ниту ја потврдиле, ниту ја демантирале информацијата. Факова – Серафиновиќ додава дека таа го контактирала преку „Вибер“ директорот Муслиу во врска со темата, но тој одговорил дека не може да одговори на прашања поврзани со кадровскиот состав на институциите од безбедносниот сектор и потенцирал дека таков тип податоци се од класифициран карактер.
Спротивно на тврдењата на жалителот, новинарката негира дека во дополнителната комуникација, директорот ја упатил официјално да се обрати на и-мејл на Агенцијата за разузнавање, ниту пак ѝ објаснил зошто не смее да се објавува кој е вработен во Агенцијата за разузнавање.
Во однос на наводите на жалителот дека во текстот е прекршен член 5 од Кодексот на новинарите, авторката смета дека токму во овој член пишува дека освен што нема да објави, новинарот нема ниту да сокрие нешто што е спротивно со јавниот интерес.
Во овој контекст, таа нагласува дека јавен интерес е вработување на лица што земаат пари од буџетот, а уште повеќе што, во случајов, се работело за сопруга на директор на државна институција, односно на директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Во врска со останатите наводи на жалителот, Факова – Серафиновиќ вели дека во веста воопшто не се манипулира со информациите и оти се контактирани сите институции кои се поврзани со трансферирањето, вклучително и сопругот на Ангелова, Стојанче Ангелов, кој не одговорил на прашањата.
Во однос на објавувањето на идентитетот на вработените во Агенцијата за разузнавање, а во смисла на Законот за Агенцијата за разузнавање, кој тоа наводно го забранува, авторката на текстот смета дека предметниот член од овој Закон не бил целосно цитиран.
Таа посочува дека дел од овој член всушност предвидува со идентитетот и личните податоци на вработените во Агенцијата да не смеат да ракуваат токму вработените. „За класифицирани информации, во смисла на овој закон, се сметаат:
– податоците за идентитетот и личните податоци на вработените, стои во членот што јас го разбирам дека информациите не треба да ги оддаваат вработените во Агенцијата, односно оние кои поседуваат голем број на информации од Агенцијата.
Притоа, информацијата е потврдена од Министерството за внатрешни работи, каде оваа информација не класифицирана, а истата не е класифицирана ниту во Министерството за финансии коешто го врши трансферот“, пишува во одговорот на жалбата новинарката на „Фокус“, која меѓу другото, нагласува дека во нејзиниот текст недостига информацијата кое е новото работно место на Ангелова во Агенцијата за разузнавање, затоа што директорот на Агенцијата не одговорил со какви квалификации располага таа.
Во врска со наводите на жалителот дека во текстот на „Фокус“ е прекршен и член 13 од Кодексот на новинарите и од Насоките за примена на принципите на Кодексот на новинарите во онлајн медиумите, Факова – Серафиновиќ уверува дека во веста нема ниту едно мислење и коментар и оти се пренесени само информации и одговори од неофицијални и официјални лица.
„Ако Агенцијата е транспарентна како што се прикажува, зошто Муслиу не ни објасни зошто оваа информација е класифицирана и не треба да се објавува. Ако не смее ова да се објавува, како новинарите ќе истражуваат криминал во овие институции каде се користат класифицирани информации. Како ќе се контролираат овие институции без јавноста и новинарите кои во некои случаи проценуваат дека јавниот интерес за некоја информација, којашто особено се однесува за организиран криминал, е посилен дури и законите кои го ограничуваат правото на објавување“, вели во одговорот авторката на текстот, посочувајќи дека оваа жалба поднесена од Агенцијата за разузнавање ја смета како притисок од страна на директорот Еролд Муслиу за необјавување на нешто што е од јавен интерес под превезот на класифицираните информации.
ОДЛУКА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ
Комисијата за жалби утврди дека жалбата е НЕОСНОВАНА и едногласно одлучи дека нема прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија. Комисијата не најде доволно елементи за да констатира прекршувања по основ на неточно и нефер известување, пристрасност и неурамнотеженост во информирањето, мешање на факти и мислење, вест и коментар, нарушување на приватноста и повреда на начелото дека новинарот треба да ги почитува законите во државата, но нема да објави или скрие нешто што е спротивно со јавниот интерес. Оттука, Комисијата не констатира повреда на членовите 1, 5, 7 и 13 од Кодексот на новинарите, на кои упатува жалителот.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ОДЛУКАТА
На седницата на 21-ви ноември 2022 година, членовите на Комисијата за жалби ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во спорниот текст. Најпрво, заклучија дека не можат и немаат право да ги утврдуваат фактите наведени во содржината.
Надлежност на Комисијата е единствено да ги утврдува етичките и професионалните стандарди во новинарскиот производ. Текстот на „Фокус“, несомнено, произлегува од јавниот интерес, зашто прашањата поврзани со распределбата на јавни функции и со евентуален непотизам во државните институции е легитимна новинарска цел.
Предмет на новинарска опсервација е сопруга на владин функционер и лидер на партија, односно на директорот на Центарот со управување на кризи и претседател на „Достоинство“, Стојанче Ангелов. Авторката на текстот, веста ја базира на сопствени извори дека г-ѓа Јасминка Ангелова била трансферирана од Министерството за внатрешни работи во Агенцијата за разузнавање.
Текстот нуди објективна информација, контактирани се два меѓусебно неповрзани извора, а веста официјално не е демантирана.
Новинарката се обидела да ја обработи темата, односно да добие одговор за квалификациите на Ангелова со кои била распределена од една во друга институција.
Одговор за тоа побарала, но не добила и од Министерството за внатрешни работи и од директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, кој образложил дека идентитетот и податоците за вработените во институцијата се класифицирани информации, кои согласно Законот за Агенцијата за разузнавање, не смееле да бидат споделени со јавноста.
Став на Комисијата е дека се работи за деликатна и сензитивна тема, зашто во случајов, се судираат јавниот интерес, кој е неспорен, од една страна и режимот на класифицирани информации под кои подлежат институциите од безбедносниот сектор, од друга страна.
Во таа насока оди и членот 5 од Кодексот на новинарите, кој налага дека новинарот ќе ги почитува законите во државата, но нема да објави или сокрие нешто што е спротивно со јавниот интерес.
Без да се впушти во правно толкување и анализа на Законите од сферата на безбедносните служби, за што и нема надлежност, кај Комисијата надвладеа мислењето дека новинарката, од етички аспект, имала право да го објави идентитетот на Ангелова.
Се работи за јавна личност и за сопруга на високо позиционирана јавна личност, функционер и политичар, па оттука, прашањата во текстот на „Фокус“ за критериумите и начинот на кој било уредено нејзиното наводно унапредување, се сосема оправдани и легитимни.
Имено, според член 4 од Декларацијата за слобода на политичката расправа во медиумите (Комитет на министрите на 872 состанок од 12.12.2014) се вели дека „функционерите мора да го прифатат фактот дека се, особено преку медиумите, подложни на јавен надзор за начинот на кој начин ги обавувале или ги обавуваат своите функции, ако тоа е потребно за обезбедување транспарентност и одговорно вршење на нивните функции.“
Во однос на тврдењата на жалителот, во случајов, на Агенцијата за разузнавање дека новинарката не смеела да го објави идентитетот на Ангелова согласно законските ограничувања, Комисијата оцени дека тие се делумно издржани.
Ова од причини што во комуникацијата со новинарката, директорот Еролд Муслиу требало подетално да ѝ предочи кои се причините зошто името на вработената не смее да излезе во јавноста, на начин, кој можеби ќе придонел авторката соодветно да го прилагоди текстот, без да постои опасност од повреда на одредени закони.
Комисијата се согласи дека директорот требало да покаже поголема конструктивност, наместо само административно, со повикување на Закон за класифицирани информации да очекува новинарката да се откаже од истражувањето.
Новинарската пракса покажала искуства кога јавниот интерес надвладеал над индивидуалните права и во случаи кога слободата на говор била законски ограничена.
Ова особено важи за теми поврзани со потенцијална корупција или злоупотреба на моќта од страна на носители на јавни функции, кога новинарот има дилема дали да објави информација која е од јавен интерес, но со која може да го прекрши правото на приватност, правото на углед или да прекрши други законски одредби.
Во однос на самиот текст на „Фокус“, генерален став на Комисијата е дека содржината можела да биде посеопфатно обработена и подобро истражена. Од аспект на темата, самиот текст бара посестран и повнимателен приод, особено кога се објавуваат информации кои имаат статус на „доверливи“, а при тоа е потребно да се утврди дека правото на јавноста да биде информирана е поголемо отколку правото на почитување на причините за доверливост на информациите.
При обработката на сензитивни теми, потребата од брзина не смее да ги загрози точноста, кредибилноста и професионалноста на текстот.