Комисијата за жалби на Советот за етика утврди дека порталот „Фокус“ со текстот „Четворица полицајци под истрага за проеткување на ПИМ мерки за Поткуп“ го прекршил член 2 од Кодексот на новинарите, по поднесена жалба на министерот Наќе Чулев. Од Комисијата потенцираат дека текстот на „Фокус“ во најголем дел бил професионален, но требало да се наведе дека е побаран, а не е добиен одговор од министерот.
Член 2: „Ако новинарот е спречен да дојде до бараната информација, тој има право за тоа да ја информира јавноста“.
-Комисијата, најнапред, утврди дека се работи за текст кој што пренесува информација за истрага покрената против високи полициски службеници во Министерството за внатрешни работи, кои наводно биле од тимот на техничкиот министер Наќе Чулев. Текстот, несомнено, произлегува од јавниот интерес, зашто државните функционери, во случајов, министерот за внатрешни работи, Чулев се легитимна новинарска цел и подлежат на силен јавен надзор.
Комисијата заклучи дека текстот на „Фокус“ во најголем дел е професионален и етички. Авторот се повикува на извори од Обвинителството, опфаќа повеќе аспекти за темата и е содржински најпрецизен во односн на текстовите на останатите медиуми против кои министерот поднесе претставка во Своетот за етика.
Сепак, Комисијата утврди дека медиумот имал обврска, но не обезбедил став и од Министерството за внатрешни работи или од самиот министер Чулев, чии соработници, како што наведува порталот, наводно биле под истрага.
Комисијата при одлучувањето го зеде предвид и тврдењето на „Фокус“ во одговорот на жалбата дека навистина се обидел, но не успеал да добие став од министерот, ниту од Министерството пред да ја објави информацијата. Комисијата смета, доколку било така, авторот требал и морал тоа јасно да да го потенцира во текстот, со што новинарскиот производ ќе добие целосна и објективна слика, се вели во одлуката на Комисијата.
Со објавувањето на демантот од Чулев, Комисијата вели дека авторот го заштитил сопствениот интегритет и интегритетот на медиумот.