Викендов во Прилеп се одржа манифестацијата Prilep beer weekend, триденевен настан кој привлекува голем број посетители во општината.
Манифестацијата веќе втора година е во организација на продукцијата Евент Груп, и на сцената годинава се појавија околу 20 музички изведувачи. Општина Прилеп пак, традиционално секоја година го поддржува настанот со сума од еден милион денари.
Фестивалот на пивото, кој е белег на градот од 2003 година, за првпат се одржа под името Пиво Фест Прилеп, а од Советот на Пиво Фест Прилеп се огласија со реакција до медиумите, и најавија кривични пријави, бидејќи, како што тврдат, нивниот оригинален бренд бил спречен да се одржи веќе две години по ред, а наместо тоа, бил незаконски оформен плагијат на традиционалниот фестивал.
-Ја известуваме јавноста дека реализацијата на оригиналниот бренд Пиво Фест Прилеп е спречена, забранета да се реализира минатата 2023 и годинава, 2024, а на местото на овој голем и традиционален фестивал, властите незаконски си оформија заменски катастрофален плагијат наречен Prilep beer weekend.
Пиво Фест беше основан во 2003 година од страна на Пеце Стоикоски, Златко Црвенкоски и Ѓорѓи Сарагиноски и растеше од далечната 2003, 2004, 2005 година. Истиот беше незаконски одземен и узурпиран и присвоен од страна на власта и тогашните челници, кои 16 години си го организираа фестивалот, криејќи се зад невладини организации.
Регуларно регистрираниот Пиво Фест Прилеп во Центарлен регистар на РМ е правно лице, кое регуларно си поднесува барање до локалната власт за резервирање на плоштадот, за реализација на фестот.
Општината треба навремено да го издаде плоштадот, за да може манифестацијата да се организира квалитетно.
За жал, власта, решението и меморандумот за реализација на фестот за 2022 година, кога фестивалот за првпат беше вратен кај основачот, документот го издаде само на два дена пред фестивалот,а во 2023 година две недели пред фестот, поради што истиот беше одложен.
Лани, барањето беше поднесено на 23.08. 2023, но до денес нема одговор на истото, реагираат од Совет на Пиво Фест Прилеп.
Појаснуваат дека иако сега се одржа Prilep beer weekend, сепак се уште од општината и од јавноста се користел терминот Пиво Фест Прилеп, и категорично бараат да не се употребува нивниот бренд.
-Советот на Интернационалниот фестивал за пиво и скара Пиво Фест Прилеп ќе поднесе кривични пријави до општинските власти и до сите оние кои го спречуваат и злоупотребуваат реализирањето и одржувањето на оригиналниот и традиционален фестивал Пиво Фест Прилеп, наведено е во известувањето за јавност од страна на Советот, од каде најавија дека наскоро ќе излезат на прес конференција и документирано ќе ја разјаснеле целата ситуација.
Вики Клинчарова