Денеска или најдоцна утре Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција писмено ќе го извести Советот на јавни обвинители за сите досега преземени активности во предистрагата и истрагата во случајот „Рекет“, меѓу нив и вчерашното приведување и притворање на специјалната обвинителка Катица Јанева.
По барање на Советот, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција подготвува преглед на настаните и преземените дејствија што треба да биде составен дел на известувањето упатено до него, велат од Обвинителството.
-Со оглед на тоа што во текот на предистражната и истражната постапка од страна на ОЈО ГОКК беа превземени низа дејствија, обвинителството прегледот ќе го достави до Советот во текот на денешниот ден или утре наутро, додаваат од таму.
По приведувањето на Јанева СЈО е обезглавено, неговата судбина нерешена, поради застојот во преговорите меѓу власти и опозицијата за законот за Јавно обвинителство, каде се решава неговиот статус.
Претседателот на Советот Коле Штерјев откако ќе го добие известувањето треба да закаже седница, на која ќе започне постапката за разрешување на Јанева од прв човек на СЈО.
Според републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој се повикува на Законот за јавното обвинителство, во ваков случај треба да реагира Советот на јавни обвинители и да назначи вршител на должноста. Тоа би значело дека замена на Јанева би била некоја од нејзините колеги или колешки.
Од друга страна, претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјев смета дека не може да се назначи в.д специјален обвинител без да и истече мандатот на Јанева.
– Само во еден случај, Советот назначува вршител на должност. Тоа е тогаш кога на еден јавен обвинител му се прекинува мандатот или е разрешен и Советот назначува вршител на должност од редовите на тоа обвинителство. Доколку Јанева не е разрешена и додека не и се прекине мандатот, не можеме да назначиме вршител на должност. Постапката за разрешување е предвидена со законот за СЈО, каде се вели дека доколку предлагаме ние, треба да подготвиме извештај и да го доставиме до Собранието, комисиите да го разгледаат и потоа Собранието да ни предложи ние да разрешиме, појаснува Штерјев во изјава за медиумите.