Советот на јавни обвинители денеска го доби извештајот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за сите досега преземени активности во предистрагата и истрагата за „Рекет“, меѓу нив и за мерката притвор што и беше одредена на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Обвинителството, кое го предводи Вилма Русковска во извештајот направи преглед на настаните и преземените дејствија во врска со досегашните мерки за „Рекет“, за кој осомничени се и Бојан Јовановски и Зоран Милески.
Претседателот на Советот Коле Штерјев откако ќе го добие известувањето треба да закаже седница, на која ќе започне постапката за разрешување на Јанева од прв човек на СЈО. Неофицијално, седницата нема да се одржи денес, туку од наредната недела.
Според републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој се повикува на Законот за јавното обвинителство, во ваков случај треба да реагира Советот на јавни обвинители и да назначи вршител на должноста. Тоа би значело дека замена на Јанева би била некоја од нејзините колеги или колешки.
Мандатот на Јанева и завршува на 15 септември, а со нејзиното притворање СЈО буквално е обезглавено.