Советот на јавните обвинители треба да расправа за случајот „Пуч“, откако Специјалното јавно обвинителство во јануари се откажа од обвинителниот акт, а ќе се дискутира и за случајот „Сопот“, односно дали истиот ќе му биде препуштен на СЈО кое во неколку наврати соопштуваше дека има доволно докази за овој случај.
Седницата беше закажана за денеска, меѓутоа истата беше одложена за овој четврток. На новинарите не им беше откриена причината за одложување на седницата.
СЈО се откажа од случајот „Пуч“ бидејќи фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт била во спротивност со доказите со кои ова јавно обвинителство располага и со наодите во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“.
Советот побара од истражителите од СЈО да појаснат зошто се откажаа од предметот и дали било законско откажувањето од кривично гонење на лицата опфатени во „Пуч“.
Во „Пуч“, покрај лидерот на СДСМ Зоран Заев, обвинети беа и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња, општинскиот службеник од Струмица, Бранко Палифров и Ѓорги Лазаревски, вработен во МВР. Тие беа осомничени за шпионажа и за насилство спрема претставници на највисоките државни органи.
За „Сопот” се осудени 11 жители на ова село со вкупно 150 години затвор под обвинение дека поставиле мина од која загинаа двајца полски војници.