Советот на ЕУ денеска ниту разгледуваше, ниту донесе одлука за понатамошно продолжување на казнената постапката против Полска врз основа на членот 7 од Повелбата на Унијата, соопшти австрискиот министер за европски прашања Гернот Блимел.
– Се уште се надеваме дека е можно да дојдеме до договор со Варшава, изјави Блимел, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.
Блимел нагласи дека на денешното заседание Советот на ЕУ не разговарал, ниту за предлогот на Европскиот парламент за покренување слична постапка и против Унгарија. Според Блимел, Советот допрва ќе оценува што треба да преземе врз основа на предлогот на европратениците.
Во врска со постапката против Полска, потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс изјави дека „вестите не се добри и дека времето истекува“.
– Од првото сослушување на Полска во текот на јуни, па досега, состојбата не е подобрена. Препораките на Комисијата не беа спроведени и започна процедурата за именување нови врховни судии во спротивност со европските заложби, нагласи Тимерманс.
Тој нагласи дека однесувањето на Варшава не укажува оти полските власти ги прифаќаат заложбите на Европската комисија.