Советот на ЕУ ги усвои заклучоците за проширувањето и за Македонија: Администрацијата останува слаба точка!

by Fokus

Во пресрет на декемврискиот Самит на ЕУ, министерскиот Совет за општи работи ги усвои заклучоците за проширувањето на Унијата, во кои се поздравуваат одржувањето на првата меѓувладина конференција на Македонија во јули годинава како признание на нејзиниот прогрес на реформскиот пат, како и чекорите што Европската комисија ги презема во процесот на скринингот со земјава.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, во заклучоците се потсетува дека е потребна „сеопфатна ревизија“ на изборното законодавство, се признава одреден напредок во делот на темелите т.е. владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, но се бараат и дополнителни напори на тој план. Овие реформи треба да бидат одржливи и се бара посветеност и од власта и од опозицијата на конструктивен начин.

ЕУ истакнува дека Македонија треба да обезбеди транспарентност во водењето политика и инклузивност во процесот на консултација за преговорите со ЕУ.

Што се однесува до судството, се оценува дека одреден напредок е постигнат во имплементацијата на судската реформска стратегија, но одржливи напори се потребни за обезбедување на независност, непристрасност и професионалност на судството. Уште еднаш се бара и да се следат препораките на Државната комисија за спречување на корупција, чија работа се поздравува.

Јавната администрација, според ЕУ, останува слаба точка каде транспарентноста, заслугата и еднаквата застапеност се суштински.

Поврзани новости