Советот на етика ја отфрли жалбата на старскиот дом „Феникс Фемили“ против новинарката Ирена Мулачка

by Fokus

Текстот во неделникот „ФОКУС“ насловен: „Ја однесовме Јелица на нозе, а за 12 дена  ја зедовме на смртна постела“ не отстапува од професионалните и етички стандарди.

ЖАЛБА

До извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на 21 февруари 2023 година, Зоран Милошевски поднесе жалба за текстот со наслов „Ја однесовме
Јелица на нозе, а за 12 дена ја зедовме на смртна постела“, објавен на 18 февруари 2023 во неделникот „Фокус“.

Во жалбата се наведува дека во текстот се изнесуват информации за домот за стари лица „Феникс Фемили“ кои се и непроверени, ниту пак, потврдени од надлежен и релевантен орган/институција, а кои истовремено нанесуваат штета на угледот на засегнатиот правен
субјект (Феникс Фемили) и на неговиот сопственик.

Во жалбата Милошевски реагира на неточно и нефер известување, на незастапена втора страна, на мешање факти и мислења, вест и коментар, на презумпција на невиност и заштита на сведоци и пристрасност и неурамнотеженост во информирањето во текстот за случај во Домот за стари лица „Феникс фемили“.

Жалителот додава: – Во врска со објавата укажуваме дека се повредени правата на нашиот Властодавец и тоа на начин што во статијата се изнесуват факти и невистини кои, ниту се проверени, ниту пак потврдени од страна на надлежен орган.

Воедно, жалителот укажува дека испратил и демант до медиумот, во кои се наведени подетално фактичките состојби поврзани со случајот кој е предмет на обработка на медиумската содржина.

ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ

Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби, по приемот и разгледување на жалбата, стапи во контакт со неделникот „Фокус“ и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата.

Во одговорот од неделникот се вели дека „Овој текст заслужено се најде на насловната страна на печатеното издание на неделникот „Фокус“, најпрвин затоа што има јавен интерес, а тоа е начинот на кој и како се третираат старите лица во Домовите, каде што се наплаќа повеќе од 30.000 денари на месечно ниво“.

Исто така, дека во текстот се пренесуваат изјави од личност со име и презиме, дека во текстот, во ниту еден момент не се споменува дека пациентката од старскиот дом таму починала, туку главниот проблем е што тие криеле од нејзиното семејство дека е заразена од Коронавирус, со што се зголемиле шансите за влошување на нејзината здравствена состојба.

Во однос на тоа, дека немало втора страна, од неделникот велат дека тоа тврдење е апсолутно неточно. „Фокус“ уредно испратил прашања на две меил адреси на домот. До затворањето на бројот не се добиени повратни одговори од Домот за стари лица „Феникс Фемили“, но само еден ден откако „Фокус“ излегол во продажба, стигнале одговорите.

Од неделникот додаваат:„Всушност, тоа не беа одговори на нашите прашања, туку нивно видување на случајот и како тие ги почитувале ковид протоколите. Никаде немаше конкретни одговори на нашите прашања. Не чекајќи да излезе наредниот број со нивните наводни одговори, тие испратија демант, кој според законот, заедно со нивните одговори во целост беше објавен во наредното издание на „Фокус“.

Инаку, во еден дел од текстот има и дека сопственикот на Домот, Благојче Стевановски во 2006 година бил осуден за мито, за што претходно од неделникот го контактирале адвокатот Филип Медарски, дали може да се објави тој дел со оглед на тоа што се работи за дело направено пред 17 години, за што добиле зелено светло.

МИСЛЕЊЕ НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ

Комисијата за жалби утврди дека жалбата е НЕОСНОВАНА и со мнозинство гласови ја отфрли. Исто така, утврди дека нема неточно и нефер известување, нема мешање факти и мислења, вест и коментар, не е нарушена презумпцијата на невиност и заштитата на сведоци и дека нема пристрасност и неурамнотеженост во информирањето.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

На седницата на 16 март 2023 година, членовите на Комисијата за жалби ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во содржината на текстот.

Комисијата, најнапред, утврди дека се работи за информација од неспорен јавен интерес состојбата во домовите за стари лица и начинот на кој се обезбедува негата на штитениците.
Мнозинството членови сметаа дека нема нарушување на Кодексот на новинари на Македонија. Ова од причина што станува збор за лична приказна зад која стои лице со име и со презиме, направени се сите обиди да се искомуницира со втората страна и оттаму текстот ги содржи сите елементи на професионално известување.

Мнозинството смета дека ова не е прв случај да се пишува за оваа тема, бидејќи има често примери на негрижа и запоставување на болните и стари лица, така што медиумот со право посветил толку внимание на темата.

Со тоа што медиумот побарал од Домот за стари лица да се изјасни во врска со обвинувањата, се потрудил да обезбеди втора страна, но одговорите стигнале откако текстот бил објавен. Барањето за демант на објавениот текст било остварено во следниот број на Фокус. Демантот бил објавен, иако во него не се дава директен одговор
на обвинувањата.

Новинарот умешно коментарите од типот „дувло“ ги вади од устата на соговорникот, а не ги кажува тој. Не може да се зборува за презумпција на невиност и заштита на сведоци се’ додека оваа тема не стане дел од судските лавиринти. Секако текст без други соговорници не може да биде урамнотежен, па затоа текстот ќе изгледа пристрасен. Но, затоа тука е објавениот демант со што се покрива тој дел од жалбата.

Во расправата имаше ставови дека текстот е едностран и дека не треба да се објавуваат вакви текстови. Исто така, дека текстот е неурамнотежен. Новинарот можел да побара и други експерти за мислење. Во поглед на демантот има забелешка дека можело да се објави во онлајн изданието на неделникот. Да не се чека наредниот број. Ова од причина што најтешките обвинувања се објавени и на интерент порталот, па од неделникот можеле, но не
ја објавиле реакцијата, т.е. демантот на текстот во интернет порталот.

Во согласност со наведеното, Комисијата одлучи како што е погоре наведено

Во работата на Комисијата учествуваа членовите Мирче Адамчевски, Сефер Тахири, Мери Јордановска, Теофил Блажевски, Снежана Трпевска, Ердем Ахмет и Димитар Мицев.

 

 

Поврзани новости