Советот на етика ја отфрли жалбата на Лекарската комора против новинарката Ирена Мулачка, „Фокус“ ги запазил сите професионални и етички стандарди

by Fokus

текстот објавен во неделникот Фокус на 25.01.2024, а најавен на насловната страница преку фотомонтажа со наслов „Пијан хирург, сестра на таблети и болничарка со тапија од психијатар со години „лечеле“ пациенти на битолската клиника“, не отстапува од професионалните и етичките стандарди.

ЖАЛБА

Лекарската комора на РСМ на 29.01.2024 до Извршната канцеларија на СЕММ достави жалба против Фокус поради објавен текст со наслов на насловната „Пијан хирург, сестра на таблети и болничарка со тапија од психијатар со години „лечеле“ пациенти на битолската клиника“.

Во жалбата се наведува дека Лекарската комора протестира против насловот на текстот, но и фотомонтажата објавена на насловната страна на неделникот. ЛК смета дека со фотомонтажата се генерализира лоша слика за севкупното здравство, а со одбраните зборови се дискриминираат ликовите за кои се пишува во текстот, посебно за сестрата и болничарката, бидејќи секој има право на здравствена заштита без стигматизација на лицата
кои побарале помош за одржување на менталното здравје:

„Лекарската комора остро реагира на формулацијата на насловот „Пијан хирург, сестра на таблети и болничарка со тапија од психијатар со години „лечеле“ пациенти на битолската клиника“ и на фотомонтажата со која е илустрирана насловната страница на неделникот „Фокус“ со број 1477 од 25.1.2024 година, чиј автор е Ирена Мулачка.

Лекарската комора, почитувајќи ја слободата на медиумите, истакнува дека фотомонтажата која е објавена на насловната страна е скандалозна, несоодветна и претставува навреда за целокупната докторска фела, поради тоа што создава лажна и искривена слика за целата докторска професија и сериозно го загрозува и нарушува нејзиниот углед, што е спротивно на Кодексот на новинарите кој налага да се известува професионално, врз основа на факти и
аргументи без сензационализам.

Во поширока смисла Лекарската комора остро реагира кон изборот на формулациите во насловот „сестра на таблети“ и „болничарка со тапија“, со кои директно се врши стигматизација на секоја личност која се соочила со предизвик и побарала помош за одржување на ментално здравје. Како професионалци укажуваме дека секоја личност, без оглед дали е здравствен работник или која било друга професија, во одреден момент во животот може да има потреба од стручна помош за сочувување или стабилизирање на своето ментално здравје, при што има право на советување, лекување, боледување, поддршка за нормализација и интеграција, заштита на приватноста и пред се, заштита од секаква стигматизација. Со овој начин на известување сметаме дека е прекршен Кодексот на
новинарите во делот која налага новинарите да ги бранат човековите права, достоинството, да спречуваат дискриминација и да негуваат култура на говорот и етиката“.

ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ

Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби, по приемот и разгледување на жалбата, стапи во контакт со медиумот и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата.

Во одговорот од страна на авторот на текстот и главен уредник на медиумот се наведува дека реакцијата на ЛК ја добиле пред две недели и ја објавиле, иако ништо не ги обврзува на тоа бидејќи не ја споменуваат ЛК. Од друга страна, авторот наведува дека со ништо не ги навредиле лекарите и сестрата, бидејќи после објавени два текста на оваа тема дошле и до наодот на одговорниот лекар што го хоспитализирал својот колега и врз кого е направен и
третман на детоксикација од алкохол…

„Фокус на оваа тема напиша два текста, во кои нормално со докази го потврдивме нашето пишување. Прво, дека имаат проблеми со хирургот, кој е редовно во алкохолизирана состојба потврди и директорката на болницата, а после некое време се прејави на телефон за да каже дека имал здравствени проблеми. Но, веднаш по излегувањето на првиот текст во неделникот, таа веднаш издава наредба тој да се тргне од дежурства“ – се наведува во дел  од одговорот на медиумот.

ОДЛУКА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ

Комисијата за жалби утврди дека жалбата е НЕОСНОВАНА и дека текстот објавен во неделникот Фокус на 25.01.2024, а најавен на насловната страница преку фотомонтажа со наслов „Пијан хирург, сестра на таблети и болничарка со тапија од психијатар со години „лечеле“ пациенти на битолската клиника“, не отстапува од професионалните и етичките стандарди и со него не е прекршен ниту еден член на Кодексот на новинари на Македонија.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА МИСЛЕЊЕТО

Комисијата внимателно ги разгледа двата текста објавени во Фокус на темата за случувања во Клиничката болница во Битола и најпрво констатира дека станува збор за тема од огромен јавен интерес. Комисијата, исто така, утврди дека не постои генерализација со текстот и фотомонтажата, како што оценува Лекарската комора (ЛК). Таквата оценка се базира на фактот што во текстот што го оспорува ЛК станува збор за конкретни случаи на конкретни медицински лица од болнцата, при што едниот е лекар.

Притоа, текстот се базира на факти, што е докажано и од приложениот и објавен документ за лекарот од страна на негов колега.

Освен тоа, во насока на посочување на проблемите објавени се и факти и од Државниот здравствен и санитарен инспекторат и од Државниот завод за ревизија.

Што се однесува до сензационализмот, Комисијата констатира дека со насловот и монтажата навистина има доза на сензационализам и генерално новинарите, вклучувајќи го и Фокус треба да избегнуваат такво известување, кое е санкционирано и со член 8 од Кодексот.

Но, слободата на информирање подразбира слобода и во изразот при презентацијата на фактите, особено ако се факти од голем јавен интерес. Во таа насока, фотомонтажата е специфичен начин на изразување на неделникот за да ги претстави фактите пред јавноста на начин на кој што ќе го привлече интересот на читателите, вклучувајќи го и насловот на насловната страница.

Што се однесува до стигамтизацијата на личностите што се лекуваат од ментално заболување, тука ЛК прави генерализација, затоа што медиумот не зборува за сите личности од тој тип, туку специфично за ликови вработени во Битолската болница.

Доколку медицински работници се лекуваат од одредено заболување, логично се поставува прашањето дали во дадениот момент можат да помогнат при лекување на пацинетите на Болницата. Генерално, јавниот интерес што го покрива темата што е отворена во неделникот, е посилна од аргументите што ги нуди ЛК која се жали на прекршени етички стандарди во посочениот текст.

Во согласност со наведеното, Комисијата одлучи како што е погоре наведено. Во работата на Комисијата учествуваа членовите Мирче Адамчевски, Сефер Тахири, Теофил Блажевски,Снежана Трпевска, Ердем Ахмет и Димитар Мицев.

Во согласност со член 18 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби бара од „Фокус“ да ја објави оваа Одлука во рок од три дена од добивањето.

Поврзани новости