Директорот на Јавното сообраќајно претпријатите Скопје, Крсте Петревски, на денешната прес-конференција ги обвини советниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дека свесно се обиделе да направат хаос во јавниот градски превоз.
„Со жалење морам да соопштам дека непринципиелната коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Советот на град Скопје денес уште еднаш докажа дека работи исклучиво во корист на личните и партиски интереси и на штета на граѓаните. На денешната седница на Советот на град Скопје за ребаланс на градскиот буџет, претставниците на овие две политички партии, свесно решија да се обидат да предизвикаат хаос во јавниот градски сообраќај.
Имено, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ денес со амандман на ребалансот на буџет заеднички не ги изгласаа предвидените средства за сервисирање на редовните потреби на ЈСП со што свесно се обидуваат да предизвикаат застој во Јавниот сообраќај“ изјави Петревски.
Тој нагласи дека се уште очекуваат Владата на СДСМ да ги подмири своите финансиските обврски кон ЈСП за бесплатен превоз за студентите.
„Штетата ќе ја трпиме сите ние, граѓаните на градот Скопје.Јас како директор на ЈСП, нема да дозволам оваа непринципиелна коалиција да предизвика застој на јавниот превоз, и да ги остави чесните вработени во претпријатието без плата, но граѓаните мора да знаат кој работи во нивна корист, а кој работи на штета на скопјани“ порача Петревски.