Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност на тема „Плати и додатоци на плати на административните службеници во Република Северна Македонија“, со која се опфатија платите и додатоците на плати на административните службеници за период од 2021 до 2023 година.
Извршената анализа на вработувањата во опфатените 36 институции покажа дека планирањето на нови вработувања е фокусирано на неопределено време, а не и за вработувања на определено време и привремените вработувања преку агенции за привремени вработувања.
„Со увид во документацијата во однос на статусот на реализација на наведените активностите, утврдено е дека: дека во периодот од 2021 до септември 2023 година, вработени се вкупно 3.384 лица од кои: на неопределено време вработени се 1.012 лица, на определено време вработени се 468 лица, привремено вработени лица вработени се 1.424 лица и со преземање од друг орган вработени се 480 лица“, се вели во извештајот.
Со анализа на платите на административните службеници, утврдено е дека
– основна бруто плата на административните службеници во септември 2023 година се движи од 32.892 денари за помошно-стручен административен службеник од четврто ниво до 85.761 денари бруто месечна плата за секретар од прво ниво,
– со воведување на минималната бруто плата во март 2022 година (во износ од 26.422 денари) при пресметката на платата во април 2022 година, основната плата за месец март 2022 година се зголемила од околу 1% до 26% по звање,
– во март 2023 година минималната плата се зголемила и истата изнесува 29.739 денари, поради што и износот на основната плата се зголемил од над 4 % до 12% по звање,
– во септември 2023 година согласно член 14 од Општиот колективен договор за јавниот сектор, основната бруто плата на вработените во јавниот сектор започнувајќи со исплатата на платата за месец септември 2023 година, се зголеми за 10%,
– согласно член 14 од Општиот колективен договор за јавниот сектор доколку индексот на трошоците на живот во првите шест месеци во 2024 година, споредено со индексот на трошоците на живот за првите шест месеци во 2023 година надминува 3%, основната бруто плата на вработените во јавниот сектор за месец септември 2024 година ќе се зголеми во процентуален износ за разликата до 3%,
– бруто плата во периодот јануари 2021/септември 2023 е значително зголемена кај пониските нивоа на работни места и тоа од 24% до 55%, додека зголемувањето на повисоките нивоа на работни места се движи од 16% до 22%.
Утврдени се разлики во висината на платите за исти работни места во различни институции, како резултат на различните законски и колективни договори врз основа на кои се утврдува висината на бодот на административните службеници.
Платите во министерствата се најниски, бидејќи се уредени според Законот за административни службеници, додека во другите институции платите се уредени на начин различен од наведениот закон со што се создаваат разлики во платите за истиот вид на работни места.
Бруто платата на државен советник е најниска во министерствата и изнесува 68.617 денари, во Управата за јавни приходи е 76.160 денари, во Царинската управа е 83.441 денар, додека во Регулаторната комисија за енергетика е 108.763 денари.
Раководител на сектор во Собрание заработува 84.029 денари, а истата позиција во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) е платена со 124.848 денари бруто.
„Иако Законот за исплата на платите овозможува месечно зголемување до 50% од остварената стапка на пораст на трошоците на живот во тековниот во однос на претходниот месец, со ревизијата утврдивме дека во период од 2021 до 2023 година и покрај тоа што стапката на трошоците за живот е зголемена од 0,1% до 2,8%, не е извршено месечно зголемување на платите од 50% од остварената стапка на пораст на трошоците на живот во тековниот во однос на претходниот месец, во рамките на обезбедените средства.
Исто така, констатирано е дека иако законската рамка дозволува исплата на додатоци за прекувремена работа и прилагодување кон пазарот на труд, додатокот за прекувремена работа се исплаќа во само 26 од 36 институции, додека додатокот за прилагодување на пазарот на труд не се исплаќа во ниту една институција. Ова уште повеќе создава разлики висината на платите меѓу административните службеници и упатува на потреба за хармонизација на исплатата на додатоците, како што е предвидено во законската регулатива“, додаваат ревизорите.
Орце Костов