Посебениот советник за развој на мултикултурно општество, интеркултурализам и интеркултурните комуникации на премиерот, Рубин Земон, ќе седне во пратеничка клупа откако пратеникот на СДСМ, Томислав Тунтев, си поднесе оставка, за да ја преземе функцијата директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Државната изборна комисија на денешната седница треба да го разгледа и усвои извештајот за преземените работи согласно членот 153 од Изборниот законик, за прифаќање на остатокот на мандатот за пратеник, по известувањето за престанок на мандатот на Тунтев.
Земон е инаку етнички Египќанец и ќе биде првиот пратеник од оваа етничка заедница во Македонија. Тој е активист за човекови права и за етничка толеранција, универзитетски професор и член на Здружението на Египќаните во Македонија и на Балканот. Во 2015 година тој беше назначен за в.д. претседател на Алијанса за позитивна Македонија.
На својот фејсбук профил, Земон му честиташе на Тунтев за новата функција.
„Драгоцен беше придонесот на Томислав Тунтев во Собранието и воспоставувањето на новите политички додадени вредности во нашата политичка сцена. Сигурен сум дека и новата функција ќе ја врши со највисок можен професионализам. Неговата длабока компетенција за тоа место е неспорна. Со среќа Томе, во новата должност!“, напиша тој на фејсбук.