Кога станав советник во Општина Зелениково, првото нешто кое си го ветив беше дека нема да бидам како другите, ќе бидам поразличен, за да ме памтат и спомнуваат луѓето по убави нешта – за ,,Фокус” раскажува Тони Димовски од редовите на ВМРО ДПМНЕ, кој е актуелен во јавноста бидејќи од сопствени средства им изградил мост на жителите на Зелениково.
Околу приказната за мостот, вели дека и самиот се изненадил од интересот на јавноста за истата. Сакал да направи добро дело, да им помогне на луѓето, а сега немало човек кој не го запрел на улица за да му се заблагодари.
-Порано на истото место имало мал дрвен мост. Преку него луѓето минувале за побргу да стигнат до продавница. Без мостот, требаше да свртат круг преку главната улица, и да пешачат околу 700-800 метри само во еден правец. Јас не би сакал никого да обвинувам од локалните власти зошто не се направил тој мост порано. Не можам да кажам дека претходниот градоначалник не го направил затоа што изгубил, а дали им ветил- не знам. Сегашниот, само што дојде на функција, ќе го правеше, но требаше да помине време, па затоа решив на своја одговорност да им излезам на луѓето во пресрет, бидејќи мостот навистина им беше неопходен – раскажува Димовски.
Појаснува дека за да го направи мостот зел позајмица од негов пријател. Не открива колку точно изнесувал, но вели дека сепак не е евтино.
-Пред нова година беше, првин на луѓето не им се веруваше дека ќе имаат мост. Дојдов, го истоваривме железото, и започнавме да го склопуваме на самото место. Кога веќе беше завршена работата, беа пресреќни, добивам само пофалби – ни изјави советникот.
Неговите сожители имаат само пофални зборови за него. Го опишуваат како голем хуманист и другар, а за мостот се преблагодарни бидејќи во голема мера им го скратил патувањето до продавница.
Вики Клинчарова