Советник во Неготино: Ни треба депонија за потрошени, нечесни и корумпирани политичари!

by Fokus

Активистите од здружението на граѓани Ековита ја имаат моја беспрекорна поддршка, но јас сепак сметам дека во нашата држава треба да се отвори депонија! Но, не депонија за индустриски инертен отпад, туку треба депонија за потрошени, нечесни и корумпирани политичари – вака го започна своето излагање советникот Зоран Стојанов на 33-та седница на Советот на Општина Неготино вчера, на која што беше отфрлено барањето да биде поништена одлуката за изградба на депонија од дневниот ред.

Според Стојанов, треба да се дебатира околу проблемите со кучињата скитници, до каде е отворањето на нова градинка, околу проблемите со сепарациите кои го раскопаа коритото на реката Вардар, но и за градската депонија која се наоѓа на патот кон Дуброво.

-Не е сега овде директорката на ЈП Комуналец, Марина Бојаџиева, но таа треба да ни објасни дали се води книга, кој фрла ѓубре таму, какво ѓубре, дали има со некого соработка. Состојбата со депонијата е многу лоша – рече советникот, кој бараше да се отвори точката разно, со цел да се дискутира за актуелни проблеми со кои се соочува општината.

Околу единствената градска депонија во Неготино, малку е да се каже дека е во очајна состојба. Голем број на граѓани дури и не знаат каде се наоѓа, бидејќи во градот нема никаква истакната ознака која би ги упатила каде да го депонираат отпадот, односно градежниот шут, за кој што е наменета истата. До депонијата, која е неколку километри надвор од градот, се доаѓа по доста лош пат, но може да се забележи од далеку, бидејќи не е оградена, па ветрот го разнесува ѓубрето наоколу во соседните ниви.

Дел од екипата на ,,Фокус” отиде на самото место, односно на градската депонија, која не се разликува многу од дивите депонии.

Ѓубрето е истурено на купишта, не може да се забележи дека се прави било каква селекција на отпадот, нема никакво сортирање на истиот. Едно од вработените лица кое го затекнавме пред депонијата, ни појасни дека на депонијата работат три до четири лица, во смени, и како секогаш го одделуваат железото од останатиот отпад кој што го депонираат граѓаните. Околу тоа што се случува со останатото ѓубре, зошто нема ограда и зошто и надвор од просторот наменет за депонија има расфрлано градежен шут, немаше одговор.

Токму лошата состојба во која се наоѓа градската депонија, сега кога во градот е актуелна најавата за изградба на депонија за индустриски инертен отпад, дополнително ги загрижува граѓаните. Многу од нив сметаат дека во една општина каде не може да се стави ред во депонијата за градежен отпад, не веруваат дека ќе се води контрола што би се случувало во депонија за индустриски отпад, и кој има капацитет и воопшто според кои критериуми би контролирал што се носи и согорува таму и на кој начин.

-Со нашето ѓубре не можеме да се справиме, а не пак и индустриски отпад да ни носат – е еден од најчестите коментари на социјалните мрежи, поврзан со темата за депонијата. И додека од општината уште пред два месеци најавија ригорозни казни за граѓаните кои несовесно постапуваат со отпадот, односно шутот, бидејќи не може да изнајде поефикасен начин на решавање на проблемите со отпадот, неготинчани и денес продолжуваат со давање на свој потпис против депонијата за индустриски инертен отпад.

Вики Клинчарова

Поврзани новости