Советникот од редовите на Левица од Велес, Игор Смилев преку социјалните мрежи најави дека ќе постави шатор пред Собранието на Македонија, во кое ќе се обрати и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен пред почетокот на седницата на која ќе се разгледува францускиот предлог.
Како што додава тој, тргнале по патот од кој нема враќање и според него, борбата продолжува.
„Со шаторот почнавме пред Топилница пред 15-тина години, па на Водно, па пред Папрадиште, а утре му дојде ред шаторот да се запознае со Собрание. Платно и боја уште за една борба му остана…..избледен, полн со дупки, пропушта од сите страни, ама не испушта душа кутриот. Има сила пустиот утре да ја прими внатре и Фон дер Лајен со договорот таен. Најважно е да не чувствуваме грижа на совест, откако ова предавничко лудило ќе сопре. Откако ќе се предадеш себе си, се мразиш себе си. А и тежок товар си им оставил на поколенијата после тебе. Тоа е кругот од кој нема враќање“, реагираше Смилев.
За утре напладне се најавени протести пред македонскиот Парламент во кој ќе се одлучува за францускиот предлог.