Вие комуњари црква ли ќе рушите! Мајку ви ебам комуњарска! Кои сте вие? На татко ви ли е имотот? Ова се извикувањата од насилната толпа која ги слушала советничката на СДСМ, Билјана Чурилова, за време на насилните протести во јуни 2013 година.
Таа денеска сведочеше и меѓу советниците на ВМРО ДПМНЕ кои им дале упатства на демонстрантите ја посочи и пратеничката на оваа партија, во тоа време советничка, Даниела Рангелова.
-Тие постојано комуницираа со луѓето надвор. Толпата прво дојде од страната каде седеа овие советници, но по упатство на Саше Трпевски, Томислав Лазаров и Даниела Рангелова завртеа околу бараката и продолжија да дивеат од нашата страна – рече Чурилова.
Таа додаде дека овие советници постојано биле во дослух со демонстрантите. Во вкрстено испрашување на прашање од адвокатот Боро Тасевски дека не може со сигурност да тврди како советниците и давале упатства на толпата таа рече:
-Можам со сигурност да ви кажам дека Даниела Рангелова го наведуваше градоначалникот цело време да излезе надвор и да се соочи со толпата. Цело време му дофрлуваше да излезе да види зошто го бараат. На такво инсистирање, јас да бев немаше да излезам, имавме чувство дека нешто ќе се случи – одговори таа.
Советничката раскажа и како ја добила повредата на окото.
– Откако преминаа на другата страна почнаа да ги кршат стаклата на прозорците. Во еден момент слушнав Чурилова пази! Се свртев и почувствував удар во левото око – рече таа и раскажа дека била побарана пауза на седницата за да оди лекар каде и извадиле неколку парчиња песок и гранули од повредата.
Таа рече дека има последици од оваа повреда и најави дека ќе побара оштетно побарување во текот на постапката. Демонстрантите, сведочеше таа, фрлале со камења, јајца, киви, компири, дрва и домати.
-Лично видов од бело комбе дека се влечкаат компири во мрежести вреќи – додаде таа.
Кога полицијата пристигнала застанала помеѓу толпата и бараката, но со грб спрема советниците.
-Кого браните нас од нив, или нив од нас, му реков на еден полициски службеник, на што тој ми рече дека немал наредба – раскажа советничката и додаде:
– Моето чувство е дека се тоа беше диригирано, дека некој од ВМРО ДПМНЕ го диригира. Се чувствувавме како затворени во еден обрач. Јас лично бев исплашена – посочи таа.
М.В.