Совет на Европа: Слободата на печатот е клучна во услови на криза

by Фокус

Генералната секретарка на Советот на Европа Марија Пејчиновиќ Буриќ и германската министерка за правда Кристина Ламбрехт денеска изразија загриженост поради нападите врз новинари и ограничувањата на слободата на печатот во многу делови на Европа. Тие нагласија дека слободата на медиумите е од клучна важност во кризни времиња.

Во заедничката изјава по повод утрешниот 3 мај – Светски ден на слободата на печатот, тие потсетија дека правото на слобода на изразување е содржано во членот 10 од Европската конвенција за човекови права, на која се обврзаа сите 47 земји-членки на Советот на Европа, вклучително и 27 членки на Европската унија.

„Во демократија, новинарите играат витална улога во откривањето на вистината и повикувањето на властите на одговорност. Нивната работа е да обезбедат граѓаните навремено да добиваат точни и веродостојни информации, што е уште поважно во контекст на пандемијата на Ковид-19“, се додава во соопштението.

Тие додаваат дека медиумите треба да бидат слободни и детално да го проучуваат и критикуваат одговорот на властите на кризата, но многу новинари се соочуваат со зголемени опструкции додека ја исполнуваат оваа важна улога во текот на пандемијата.

„За жал, исто така, сведоци сме на зголемен број напади и закани кон новинари кои известуваат од протести, што е неприфатливо. Сега, од кога било, е поважно новинарите да можат слободно и безбедно да си ја вршат својата работа“, се вели во соопштението.

Поврзани новости