Стапката на затвореници на ниво на Европа на 100.000 жители лани останала речиси непроменет во однос на претходната година, додека во земјава таа се намалила за 29 отсто, покажуваат податоците од најновата студија на Советот на Европа за состојбата во европските затвори, што ја изработи Универзитетот од Лозана.
Како што јави дописникот на МИА, заклучно со 31 јануари 2019 година според податоците од 50 затворски управи од државите членки на Советот на Европа, во казнено-поправните институции имало 1.540.484 осиденици, што значи дека вкупната стапка била 106 затвореници на 100.000 жители. Во 45-те затворски управи кои доставиле податоци за 2018 и 2019 година, вкупната стапка на затвореници останува стабилна, забележувајќи мал пораст од 104 на 104,5 затвореници на 100.000 жители. Процентот на лица во притвор од вкупниот број затвореници, исто така, останал непроменет и изнесувал 22 отсто.
На листата на земји со највисока стапка на затвореници води Русија со 386 затвореници на 100 000 жители, пред Турција со стапка 329, Грузија (270), Литванија (232), Азербејџан (218) и Чешка (203). Натаму следуваат, Молдавија (197), Полска (190), Словачка (189), Црна Гора (186), Албанија (185), Латвија (183) и Естонија (181).
Северна Македонија има стапка од 103 затвореници на 100 000 жители.
Без државите со население под 300 000, најниски стапки на затвореници се забележани во Исланд (40), Финска (50), Холандија (56), Шведска (60), Норвешка (61), Босна и Херцеговина (66), Словенија (67), Данска (69), Ерменија ( 76) и Германија (77).
Земјите чии затворски управи бележат најголемо зголемување на стапката на затвореници се Турција со раст од 13 отсто, пред Кипар (+ 11 отсто), Данска (+ 9 отсто), Бугарија (+ 8 отсто), Грузија(+ 7 отсто), Велика Британија (+ 7 отсто), Грција (+ 6 отсто) и Шведска (+ 6 отсто).
Драстичен пад на стапката на затвореници има во Ерменија од 36 отсто, а по неа следува Северна Македонија со пад од 29 проценти. Натаму следуваат Исланд со намалување од 14 отсто, Босна и Херцеговина (-11 отсто), Романија (-10 отсто), Молдавија (-8 отсто), Русија (-8 отсто), Азербејџан (-7 отсто), Норвешка (-7 отсто), во Латвија (-6 отсто) и Естонија (-5 отсто).
Во однос на густината на затворската популација, според информациите дадени од затворските управи и податоците од други извори, 15 земји се сочуваат со целосна пренатрупаност на затворите со повеќе од 100 затвореници на 100 затворски места. Во десет од нив пренатрупаноста е особено сериозна и тоа Турција (123 затвореници на 100 затворски места), Белгија (121), Италија (119), Франција (117), Унгарија (115), Романија (113), Малта (107), Грција ( 107), Австрија (106) и Србија (106). Сепак, се нагласува во Извештајот, и земји каде што вкупниот број затвореници е помал од вкупниот број затворски места, се соочуваат со пренатрупаност во некои затвори. Севкупно, во Европа има 89,5 затвореници на 100 места на располагање во казнените установи.
Истражувањето покажува дека должината на затворските казни во Европа се намалила од 8,2 месеци во 2017 година на 7,7 месеци во 2018 година, што претставува пад за 5,4 отсто. Земјите со најдолго просечни затворски казни се Азербејџан (37 месеци), Португалија (32), Молдавија (26), Чешка (24), Романија (23), Шпанија (21), Естонија (16) и Италија (15). Во Северна Македонија должината на просечната затворска казна изнесува 14 месеци.
Во контекст на пандемијата со Ковид-19, генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ ја истакна потребата надлежните органи да ја земат предвид Декларацијата за принципите на Комитетот за спречување на тортура (КПТ) во врска со третманот на лицата лишени од слобода.
– Затворските управи и сите надлежни органи треба да настојуваат да користат алтернативи за лишување од слобода, особено во ситуации на пренатрупаност и да дадат се од себе за да ги заштитат затворениците, како и вработените во затворите, изјави Пејчиновиќ Буриќ.