Совет на ЕУ: длабока загриженост од влошувањето на состојбите во Македонија

by Фокус

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија денес во Луксембург донесоа заклучоци за сегашнава политичка состојба во Македонија.

Откако потсетија на европските перспективи на земјата, шефовите на дипломатиите на европските земји изразија „длабока загриженост за влошената состојба во земјата, посебно во областа на владеење на правото, основните права и слободата на медиумите, како темелни демократски вредности на ЕУ и на нејзината политика на проширување“.

Натаму, Советот на министрите ги повика „сите страни да преземат итни мерки кон одржлива состојба, да го рестартираат политичкиот дијалог и довербата во институциите, како и да ја истражат содржината на обвинувањата со целосно почитување на потребните процеси”. „Сите обвинувања треба да се истражат од страна на релевантните власти, вклучително и обвинувањата за можните злоупотреби кои се објавуваат”, сметаат во ЕУ и бараат снимките што ги објавува опозицијата да бидат истражени со почитување на принципот на презумпција на невиност и независност на судските органи.

Притоа, нагласуваат дека „одговорноста за ова лежи кај политичките лидери на земјата“.

ЕУ ги поздравува напорите и медијаторството на „тројката“ членови на Европскиот парламент во разговорите меѓу главната владејачка и опозициска партија и ги повика двете страни „да покажат воздржаност и да се фокусираат во пронаоѓањето на решение на сегашната политичка криза што е можно поитно”.

На крајот, Советот на министрите за надворешни работи нагласува дека за прогресот во Македонија во евроинтеграцискиот процес, вклучително и на овие прашања кои ќе ги следи и за кои продолжува да биде вклучен во нивното разрешување, ќе се наврати пред летото.

За жал, по 9 години кандидатски статус и шест препораки за почнување на преговори за членство, ова е прв пат ЕУ да усвојува толку сериозни заклучоци за тешката политичка криза во која е Македонија.

Поврзани новости