Совет на амбасадори: Прекројувањето на границите на Балканот би довело до ново крвопролевање

by Fokus

Нон-пејперот претставува опасна игра која може да прерасне во „катастрофална лавина, што настанала од мала топка снег”, се вели во реакцијата на Советот на амбасадори по повод нон-пејперот од Словенија во кој се заговара промена на границите на Балканот.

-По сѐ изгледа нон-пејперот сепак потекнува од пријателска Словенија и нејзиниот премиер, кои се исправени пред мајското преземање на претседателството со Европската Унија. Факт е дека се ставени на хартија клучни тези во вид на крајно опасна идеја, за која, како во позната филмска рашомонијада следеа разни спротивставени изјави.

Советот со големо изненадување и загриженост посочува кон фактот дека дел од балканските земји, сега полноправни членки на НАТО и кандидати за членство во ЕУ се наоѓаат на хартија, што проектира состојби кои не смеат и не можат да бидат решавани и решени во изолирани европски кругови и/или нечии кабинети. Оттаму, Советот високо ја цени брзата реакција на Стејт департментот, што потсетува на клучните договори, кои се веќе постигнати заради мир и соработка во балканскиот регион и кои треба да се спроведуваат во реалноста.

Советот стои цврсто на ставот дека етноцентризмот, националзмот и прекројувањето на границите би довело до ново крвопролевање со несогледливи последици кон целиот регион на Југоисточна Европа, се вели во соопштението на Советот на амбасадори.

Поврзани новости