Присуството на бугарската делегација на отворање клуб со контроверзно име на човек, чија улога не е докрај разјаснета од историски аспект, во најмала рака претставува несоодветен обид за промоција на напредок во приближување на ставовите на двете влади, кој би резултирал со отпочнување на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ, смета Советот на амбасадори.
Совет на Амбасадори смета дека Северна Македонија треба да се потпре најмногу сама на себе, да ги зајакнува сопствените капацитети за демократија, економија и заедништво не дозволувајќи ништење на македонскиот идентитет, јазик и култура, што опстојувале со векови на овие простори.
Советот на Амбасадори го поздравува ставот на премиерот Петков дека ветото на преговори на Северна Македонија со ЕУ не носи ништо добро ниту за македонските Бугари, што е признание искажано за првпат од бугарски политичар.
– Од друга страна, изјавите на поранешната МНР на Бугарија, на сегашната, како и на потпретседателката, говорат за неединството во владината коалиција и претседателот по прашање на ветото. Посебно јавноста во Северна Македонија во негативна конотација ги прими крајно непромислените и контровезни изјави на потпретседателката за положбата на бугарското малцинство во Северна Македонија и македонското малцинство во Република Бугарија, наведуваат оттаму.
Ваквите стојалишта, додаваат тие, го објаснуваат составот на делегацијата и намерата „на лице место“ и со контролирана провокација да се испита „отпорноста“ на македонската страна, која доколку реагираше нервозно, или дозволеше да се предизвика инцидент ќе им дадеше аргументи на противниците на симнувањето на ветото, а бугарскиот премиер ќе имаше оправдување зошто и понатаму би одбивал да гласа „за“ отпочнување преговори.
– Совет на Амбасадори високо го цени фактот дека и покрај провокацијата, инцидент не се случи. Тоа нуди надеж, но сепак не е гаранција дека Бугарија ќе го крене ветото или дека преговорите сигурно ќе отпочнат за време на француското претседателство, зашто таквиот чин ќе зависи освен од стабилноста на владата во Бугарија и од резултатите на изборите во Франција, текот на војната во Украина и непроменливоста на ставовите на останатите земји членки на ЕУ во однос на нејзината иднина, оценува Советот на амбасадори.