Велешанка на возраст од 48 години вчера го одвела својот малолетен син во полициската станица во Велес, бидејќи кај него пронашла бела грутчеста материја и две пакувања со марихуана.
Таа ја предала пронајдената дрога во Одделението за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Велес, и оттаму го потврдија случајот.
Информираат дека се преземаат мерки за расчистување на истиот. Иако е реткост родител да пријави свое дете поради сомнение за прекршок или кривично дело, сепак регистрирани се и такви случаи во земјава.
Пред неколку години во Неготино се случи мајка да го одведе синот во полиција, откако дознала дека извршил кражба во казино.
По објавата на веста, јавноста ја поздрави одлуката на мајката, со порака дека секој родител треба да постапи совесно во такви ситуации, и наместо да прикрива, отворено да алармира и да бара соодветно решение за настанатата ситуација, со цел истата да не се повтори и во иднина.
В.К.