Нема „лидер“ и политичка партија што себеси не се претставува како „чесна“, одговорна, која води „грижа“ за граѓаните и за државата итн. Од самокритиката и одговорноста бегаат како ѓавол од темјан! Предизборието уште не почнало, а веќе се најавува канонада од самофалби со успеси на сите полиња и во сите области. Успех до успех! Убавина до убавина!
Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ
Киднапирање и безмилосно убиство на невино дете; Меѓусебната пресметка на бандити во трговски центар; Неказнивост при крадењето и злоупотреба на пари од Буџетот на државата; Подигрување со граѓаните и вработените во државната администрација во врска со платите и надоместоците од страна на „избраните и именуваните“ лица, вклучително со претседателот на државата; Политички игри и мајтапење со маките на болните во случајот „Онкологија“; Избербатено и криминално организирано судство и обвинителство; Државен јавен обвинител, кој е првиот и главен чувар на високопрофилираниот организиран криминал и корупција во државата итн.
Црнила за кои никој од „лидерите“ и политичките партии ниту помислува да направи што било за да ги обели, а уште помалку да помисли дека носи одговорност за нивното дивеење.
Нема „лидер“ и политичка партија што себеси не се претставува како „чесна“, одговорна, која води „грижа“ за граѓаните и државата итн.
Од самокритиката и одговорноста, било таа да е морална, политичка, а не дај боже и правна, бегаат како ѓавол од темјан!
Предизборието уште не почнало, а веќе се најавува канонада од самофалби со успеси на сите полиња и во сите области. Успех до успех! Убавина до убавина!
ОД „ПОЛИТИЧАРИТЕ“ СИ СТРАДАМЕ
А државните поданици, или барем оние што останаа да живеат како граѓани на „оваа држава“, собираат душа за да преживеат од денес до утре.
Покрај економската и социјалната сиромаштија, најголем проблем им е бесперспективноста и безнадежноста…
Едноставно, во држава во која нема владеење на правото и на сцена е голиот политички и правен бандитизам, не може да се планира ништо, ниту во приватниот, ниту во деловниот живот.
Со пари крадени од граѓаните и политичката моќ стекната со гласовите на граѓаните, криминалците станаа водечка финансиска, економска и политичка сила во државата и општеството.
Тие се оние што решаваат што е важно, а што не е важно во државата, што е закон, а што е противзаконско…
Сѐ повеќе станува видливо дека нивната основна цел не е да ја изградат и средат државата на економски, социјален и на политички план, туку, напротив, да ја разградат што е можно повеќе.
Мотивот е едноставен и јасен. Само во нефункционална држава може неказнето да се краде и да се биде „политичар“, бизнисмен, претседател.
ИМА ЛИ НЕШТО ЗДРАВО!?
Се подготвува донесување на закон за амнестија, под изговор дека нема место во затворите. Во право се предлагачите на законот – за криминалците нема место во затворите, но затоа има место во институциите на системот.
Одамна е избришана границата меѓу криминалот во политиката и криминалот на улиците.
Персоналната и целната симбиоза е веќе воспоставена до степен кога јавноста добро знае кои политичари, судии и обвинители се криминално организирани, ама тоа не го знае никој во „институциите на системот“.
Затоа „лидерите“ и „избраните и именуваните лица“ да не бидат лицемерни и да глумат загриженост, тага, бол… по невино изгубените животи.
Токму тие и никој друг со своето политичко и правно промовирање на неказнивост и неодговорност носат одговорност за таквата состојба во државата.
Тие го создадоа овој хаос во општеството за кој цената ја плаќаат граѓаните. Живееме во општество и држава болни од многу болести. За жал, не остана ништо здраво во државата Република (Северна) Македонија!