Во нашата социјалдемократска агенда, успеавме инклузивноста системски да ја поставиме и во реализацијата на заложбите за заштита и унапредување на работничките права, обезбедувањето правични плати и безбедните работни услови
Пишува: Фатмир БИТИЌИ
Социјалдемократијата како политичка идеологија за уредување на односите во едно општество, во себе содржи позитивно вредносно јадро врз основа на кое може да се даде одговор и на економските предизвици.
Социјалната правда и еднаквоста, солидарноста и социјалната благосостојба, демократијата и инклузивноста, одржливиот развој и управувањето со животната средина, како и заштитата на трудот на работниците, ги прифативме како основни идеали и аспирации во рамки на креирањето на економските политики и решавањето на проблемите.
Ова е поттикнувачки вредносен корпус, кој е насочен да им помогне на граѓаните да достигнат пристојни животни услови, да стекнат вистински можности за личен развој, да ги заштитиме од несаканите влијанија на деградирањето на животната средина, воедно да развиеме нови можности за општествено корисни работни места.
Она што го правиме како одговорна политичка партија, со изградена политичка свест за донесување системски одлуки и решенија за проблемите, е дека овој социјалдемократски политички компас системски го интегрираме во економските политики за да ја унапредиме благосостојбата на граѓаните.
Намалување на нееднаквостите и отстранување на бариерите што ја попречуваат социјалната мобилност и создаваат диспаритети во приходите и пристапот до основните услуги, во суштина подразбира создавање еднакви можности на сите наши граѓани, за нивна мобилност, пристап до доброплатени работни места и професионален развој.
ЕДНАКВИ МОЖНОСТИ
Многу малку се зборува за основната идеја за изградбата на коридорите 8 и 10д, односно за тоа кои се придобивките што ќе ги добијат граѓаните со нивната изградба. Намерата е да се создаде подеднаква можност за развој на граѓаните што живеат во посиромашните региони во земјава со тие што живеат во најбогатиот.
Податоците за БДП во 2021 година покажуваат огромен диспаритет меѓу регионите преку кои поминуваат коридорите 8 и 10д. Во вкупната вредност на БДП од околу 11,7 милијарди евра, најбогатиот скопски регион доминантно учествува со 43,9 проценти, следува пелагонискиот со 10,6 проценти, што е драматична разлика во однос на најбогатиот, југозападниот со 8,4 проценти, полошкиот со 7,4 проценти, а североисточниот со учество со 4,9 проценти.
Инвестирањето во патната инфраструктура поттикнува развој, го намалува диспаритетот и создава подеднакви можности за граѓаните. Неинвестирањето може да значи само понатамошен пад на економската активности и нееднаква негова дистрибуција, односно поголема нееднаквост меѓу квалитетот на животот и приходите меѓу граѓаните во државата.
За период од 4 години изградени се или во фаза на изградба се повеќе од 860 социјални станови, околу 36 илјади домаќинства примаат гарантирана минимална помош, околу 31 илјада деца се опфатени со правото за образовен додаток, над 47 илјади деца се опфатени со правото за детски додаток.
Со законско решение, ранливите категории ги заштитивме од енергетската криза, обезбедени се по 3.000 денари месечно за корисници на повеќе категории на социјални права.
За првпат социјалната помош не се дава како милост, наместо индивидуална, ја дефинираме како групна, семејна помош, притоа ја зголемивме за 300 проценти, а притоа ги поттикнуваме активно да се вклучат на пазарот на трудот.
Пензионерите добија системско решение за пораст на нивните пензии, поради кое над 100 илјади ги однесовме над прагот на сиромаштијата.
Сето ова е системско артикулирање на социјалдемократските вредности на солидарност и социјална благосостојба, на посветеност на развивање социјална безбедносна мрежа, која им нуди заштита на нашите сограѓани што немаат доволно и на кои таа им е најпотребна.
Држава со развиени социјални функции се одликува и со демократско владеење, инклузивни процеси, активно учество на граѓаните и почитување на човековите права, владеење на правото, слободата на изразување и заштитата на граѓанските слободи.
Токму поради овие вредности, една година преговараме со синдикатите преку инклузивен процес да дојдеме до системско решение за зголемување на платите.
Затоа што веруваме во демократијата и учеството на сите засегнати страни во креирањето на националните политики, го спроведуваме најинклузивниот процес во креирањето Националната развојна стратегија (НРС), преку која за следните 20 години ја поставуваме перспективата за нашите поколенија.
ОПШТЕСТВЕНА ПОДДРШКА
За првпат на иста маса седат и заеднички ги приоретизираат стратешките области претставници на сите политички партии во земјава, независно дали се од власт или од опозиција, претставници од граѓанското општество, академската средина, бизнис-секторот, млади и лица со посебни потреби.
Унапредувањето на социјалдемократските политики бара политички консензус и општествена поддршка, што ние преку НРС успеавме да го постигнеме.
Во нашата социјалдемократска агенда, успеавме инклузивноста системски да ја поставиме и во реализацијата на заложбите за заштита и унапредување на работничките права, обезбедувањето правични плати и безбедните работни услови.
Воспоставивме системско решение за раст на минималната плата, до кое дојдовме преку дијалог со синдикатите и работодавците. Повеќе таа не е предмет, ниту, пак, може да биде на преговори, уцени или политички поени, искуство што го оставаме позади нас, во историјат, но не и да ја дефинира иднината.
На овој начин, одразувајќи ги нашите социјалдемократски идеали, дојдовме до минимална плата од 20.175 денари, а која во 2016 година, пред почетокот на владеењето на СДСМ, изнесуваше само 10.080 денари.
Системското решавање на проблемот со платите, вклучително и на вработените во јавниот сектор, ќе значи отворање нов простор за афирмација на социјалдемократски вредности за унапредување на работничките права, а кои ќе бидат поврзани со квалитетот и условите на работното место, со прашањето на безбедноста и заштитата на здравјето на работникот.
Во нашата определба нема да нѐ обесхрабри ниту спинот дека некој спротивно на неговата волја или можности ќе работи повеќе од 40 часа неделно. Ние системски не им го ограничуваме правото на работниците, кои сакаат и можат да работата повеќе, со нивна изречна согласност, тоа да го направат и да добијат поголем надомест.
Северна Македонија беше прогласена за лидер во енергетската транзиција во регионот. Во последните 5 години имаме инсталирано 27 мегавати фотоволтаични централи во државата, што е повеќе за 11 мегавати од она што беше направено вкупно за 11 години, односно до 2017 година.
Досега со изразените намери за инвестиции и отпочнати процеси на разговори, во најава имаме изградба на околу 1.500 мегавати фотонапонски централи и над 550 мегавати ветерници.
Тоа доволно зборува дека владата ја интегрира грижата за животната средина во економските политики, да се поддржат обновливите извори на енергија, да се промовираат зелени технологии и да се поттикнува одговорно управување со ресурсите.
(Авторот е потпретседател на СДСМ)