Данската премиерка ќе поднесе оставка, па пак ќе формира влада

by fokus

Премиерката на Данска Мете Фредериксен најави дека ќе поднесе оставка на нејзината влада и покрај тоа што нејзините социјалдемократи треба да останат најсилната сила во Данска по парламентарните избори, јави ДПА.

Фредериксен утрово им рече на партиските поддржувачи во Копенхаген дека ќе поднесе оставка како премиерка и ќе ја разгледа „можноста за широка влада низ политичкиот спектар“.

И покрај тоа што оваа форма на владеење е ретка во Данска, Фредериксен рече дека тоа е вистинскиот пристап со оглед на моменталните кризи.

Иако нејзините социјалдемократи повторно беа најсилната сила на изборите, освојувајќи 27,5 отсто од гласовите што е најдобар резултат во последните 20 години, Фредериксен им рече на поддржувачите дека е јасно оти повеќе нема „мнозинство зад владата во нејзината сегашна форма“.

Со оглед на изборните резултати, Фредериксен најверојатно повторно ќе го добие мандатот за формирање нова влада.

По пребројувањето на сите гласови, левичарскиот „црвен блок“ успеа да добие 87 места во данскиот Парламент. Се очекува тие да освојат мнозинство откако резултатите од Гренланд ќе станат официјални. Се очекува блокот да добие три или четири од четирите парламентарни места определени за претставниците на Фарските Острови и Гренланд, кои официјално му припаѓаат на кралството Данска.

Новата партија на поранешниот премиер Ларс Расмусен освои 16 пратенички места според прелиминарните резултати, додека „синиот блок“ предводен од либерално-конзервативната партија Венстре на која порано и припаѓаше доби 72 места.

Според ДПА, новата центристичко-либерална партија на Расмусен, Умерените, се позиционираше во средината помеѓу двата традиционални политички блока.

Фредериксен е на власт во Данска од 2019 година со социјалдемократска малцинска влада, која најмногу се потпира на парламентарната поддршка од левичарските партии, но и на гласовите од десницата, на пример кога станува збор за строгата политика за имиграција.

Овој пат, цел на 44-годишната шефица на владата е широка влада со партии од двете страни.

Таа во последната ТВ дебата на партиските лидери во понеделникот вечерта рече дека тоа ќе биде случај и доколку нејзиниот левичарски табор повторно освои мнозинство.

Речиси 4,3 милиони Данци имаа право да го дадат својот глас; меѓу нив имаше околу 200.000 лица кои гласаа за првпат.

Кампањата се фокусираше на домашните прашања, како и на борбата против инфлацијата и високите цени на енергијата.

Фредериксен беше принудена да распише предвремени избори во октомври по незадоволствата откако за време на летото беше објавен критички извештај за начинот на кој нејзината Влада се справила со убивањето визони низ целата земја на фармите за крзно во екот на пандемијата.

Според извештајот, наредбата на Владата да се убијат до 17 милиони визони во 2020 година, немала правна основа. Иако беше утврдено дека Фредериксен не знаела оти наредбата е незаконска, извештајот ја разниша нејзината коалиција, при што една од партиите се закани дека ќе ја повлече својата поддршка за владата, доколку таа не распише избори.

Поврзани новости