Почетокот на 2022 година започна со околу 5.000 активни случаи на корона вирусот во земјава и доминација на омикрон сојот, којшто здравствените експерти го опишуваа како послаб сој за разлика од претходните. Светската здравствена организација процени дека до март 2022 година речиси 90 проценти од светската популација има антитела против КОВИД-10, без разлика дали е од вакцина или прележана болест.
Претставничката на Светската здравствена организација во Скопје, д-р Ане Јохансен во изјава за МИА вели дека и покрај тоа што се чини дека во 2022 година состојбата со КОВИД-19 се стабилизираше, сепак секоја недела во светот се пријавуваа неприфатлив број на заразени и смртни случаи. Додаде дека клучни изолирани групи луѓе и понатаму остануваат без имунитет, а вирусот е во циркулација на нивоа што се доволно високи за заканата од наредната проблематична варијанта да е постојано присутна.