Состојбата на пациентите се менува од час во час, двајца се на респиратор, вели директорот на „Свети Наум Охридски“

by Fokus

Директорот на клиниката „Свети Наум Охридски“ Небојша Настов изјави дека кај нив се хоспитализирани 29 пациенти на возраст од 17 до 45 години, од кои двајца се на распираторна поддршка.

Тој вели дека состојбата кај пациентите со изгореници се менува од час во час.

„Обично таквите пациенти во првиот момент се, условно кажано, најдобри и во зависност од сите оние повреди што не можат првично да се забележат знае да дојде до влошување на состојбата. Онаму каде што веќе се евидентни изгорениците може да претпоставиме како ќе оди лекувањето. Засега има двајца пациенти на респиратор и уште двајца други кои потенцијално може да завршат на респиратор во текот на денот и оставам простор дека може да се влоши состојбата и кај други, но со надеж дека нема да дојде до тоа“, рече Настов.

На пациентите им се направени класични интервенции за ваков тип повреди, а тоа е обработка на самите изгореници.

„Во првиот момент не може да видите кое ткиво е девитализирано и се прават преврски секој ден или на секои два дена каде што се увидува потреба од дополнително отстранување. Изгорениците почнуваат од пет, седум проценти и одат до 60 проценти, со тоа што најголем дел од изгорениците се во пределот на главата, вратот и лицето, што подразбира дека најверојатно дошло и до вдишување како на гасови така и на пламен и затоа не може да бидеме децидни колку од нив ќе имаат потреба од респиратор“, вели Настов.

Тој додаде дека има пациенти и со други повреди предизвикани од стампедо, како набиеници.

Поврзани новости