Составот на Владата ќе се знае по враќањето на Заев од Брисел

by fokus

Составот на новиот владин кабинет ќе се знае  по враќањето на мандатарот Зоран Заев од Брисел, велат од СДСМ, без да дадат повеќе детали дали трите партии  на Албанците ќе бидат дел од Владата и дали некоја од нив ги одреди имиња на новите министри, објави Алсат-М.

Од партијата на Али Ахмети за телевизијата посочиле Сдека тие ќе раководат со речиси истите министерства што ги имаа и во владата со ВМРО – ДПМНЕ, со исклучок на министерството за образование со кое ќе раководи ДР – ДПА, а за возврат ќе го земат министерството за здравство. Лидерот на ДУИ не ги откри имињата на министрите, велејќи дека се развива дебата за избор на најдобри можни кадри. Но, како што дознава Алсат М, во ДУИ има расправии меѓу разните лоби страни за да имаат посилни позиции во Владата.

„Се уште нема некое конкретно име, се уште правиме консултации за да имаме што поприфатливи решенија. Сега не можам да кажам кој е најдобар. Кадрите се тие и секој има своја предност и како што вели народот, секој има свои маани“. – изјави Али Ахмети, претседател на ДУИ

Ахмети исто така рече дека во владината програма нема да биде целосно вклучена заедничката платформа на Албанците, туку само најважните точки, како што се интеграција на Македонија во НАТО и во ЕУ и спроведување на итните реформски приоритети.

Новата влада согласно уставните рокови треба да биде изгласана најдоцна до 6 јуни кога истекува рокот од 20 дена за формирање на влада од мандатарот Зоран Заев.

Поврзани новости