Состанок на Карингтон со претседателите

by Фокус

Кучан жали за неприсуството на Изетбеговиќ. Вели дека тоа што се случува во Босна е агресија. Оваа војна е поинаква од таа што се случи во Словенија зашто е војна против една независна држава. Искажува загриженост таа да прерасне во една општојугословенска или општоевропска војна. Предлага Југославија да се исклучи од меѓународните организации, да се гонат воените злосторници, да се демилитаризира бившата југословенска територија и да се признае Македонија како независна држава.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Работите во Босна одеа од лошо кон полошо. Атмосферата на состанокот на лорд Карингтон со претседателите, придружувани од министрите за надворешни работи, одржан на 1 јуни 1992 година, беше траорна и ја отсликуваше безнадежната ситуација на федерацијата во распаѓање.

Бележам. „Состанокот почнува… Карингтон укажува на отсуството на босанската делегација. Жали што Изетбеговиќ не е тука, додека Силајџиќ, вели Карингтон резигнирано, сметал дека е поважно да биде во Хелсинки.

Зборува за својата посета на Србија, Босна и Хрватска. Вели дека мировниот договор не се почитува, но дека слушнал дека во последните 24 часа примирјето држи.

Ако продолжи така, амбасадорот Кутиљеиро повторно ќе ги свика групите. Вели дека сака да стапи во контакт со Аџиќ за да види што значи изјавата дека ќе бидат повлечени сите војници на ЈНА што не се Босанци.

Бидејќи 80 отсто од Босанците се Срби, се плаши дека така ќе се создаде српска армија во Босна… Кутиљеиро зборува за состанокот со Изетбеговиќ, Бобан и Караџиќ.

Било договорено, под контрола на мониторите, да се демонтираат топовите од околината на Сараево… Де Босе (францускиот претставник во тимот на Карингтон) зборува за престојот во Југославија.

Вели дека ги посетил сите. Се залага за почитување на идентитетите на сите и за дијалог. Бара да се отфрли војната како начин за решавање на проблемите.

Зборува за нови 19.811 убиени. Се залага хрватскиот Устав да се донесе согласно барањата на Бадентер. Аренс (претставникот на Германија во тимот на Карингтон) зборува за сукцесијата, државјанството, сопственоста, пензиите…

Потребни се луѓе што секојдневно ќе работат на овие прашања, кои ги прават животите на луѓето…

Дурие (друг претставник од Франција) зборува за економијата, за протокот на луѓе, стоки, услуги, за отворање на воздушниот сообраќај што Србија го блокира…

Карингтон бара одговор за блокадата на небото од Милошевиќ. Милошевиќ вели дека ова не е политичко, туку техничко прашање, кое треба да го реши експертска група. Дурие, сепак, инсистира дека треба да се реши прашањето на тргањето на бариерите. Вели „треба да одиме по примерот на Србија и Македонија“.

ДА СЕ ГОНАТ ВОЕНИТЕ ЗЛОСТОРНИЦИ

Глигоров зборува за нашиот проблем со непризнавањето од страна на ЕЗ. Милошевиќ не запознава, како што вели, во свое име и во име на Булатовиќ за создавањето на СР Југославија меѓу Србија и Црна Гора.

Зборува како кај нив сѐ е добро, високи права за малцинствата бла, бла… Карингтон реагира. „…ЕЗ сѐ уште нема заземено став кон новиот ентитет создаден меѓу Србија и Црна Гора.

Конференцијата почна со шест републики и продолжува со шест републики“. Потоа, правејќи една мала пауза, му дофрла на Милошевиќ: „Се разбира, никој нема ништо против вие и господинот Булатовиќ да седите еден до друг“.

Забележувам дека Булатовиќ црвенее, ја трие главата и пали цигара… Милошевиќ, пак, не се дава. „Ние сме продолжение на Југославија. Сецесијата не може да ја загрозува нашата иднина.

Ние го имаме правото да останеме лојални на својата држава Југославија.“ Карингтон реплицира: „Сѐ што можам да сторам е да му обрнам внимание на претседателството на ЕЗ за тоа што го рековте“.

Кучан жали за неприсуството на Изетбеговиќ. Вели дека тоа што се случува во Босна е агресија. Оваа војна е поинаква од таа што се случи во Словенија зашто е војна против една независна држава.

Искажува загриженост таа да прерасне во една општојугословенска или општоевропска војна. Предлага Југославија да се исклучи од меѓународните организации, да се гонат воените злосторници, да се демилитаризира бившата југословенска територија и да се признае Македонија како независна држава.

МИЛОШЕВИЌ ПРОТИВ КУЧАН

Туѓман го покренува прашањето на Босна. Потоа зборува за состојбите во Хрватска и за „варварските воени разурнувања“ во неговата земја. Упатува апел до Советот за безбедност на ОН.

Го обвинува Милошевиќ дека лаже и вели дека 15.000 Хрвати се протерани од Бачка, а 30.000 Унгарци се протерани во Унгарија. Го поддржува признавањето на Македонија, бара воспоставување комуникации меѓу новите држави, но прво да се сопре војната.

Милошевиќ протестира за говорот на Кучан. Вели: ,,Ние не сме ја нападнале Босна. Ние веднаш ги викнавме нашите војници да се вратат“. Продолжува: ,,Ниту еден Хрват или муслиман не е принуден да ја напушти територијата на Србија“. (Туѓман, целиот црвен во лицето, изнасилено се смее).

Карингтон почнува да го заклучува состанокот. „Мислам дека сите си го кажаа зборот“, а потоа забележувајќи една крената рака, подрипнува од столчето: „Ооо, претседателот Булатовиќ“. Булатовиќ добива збор и се задржува на елементите од говорот на Милошевиќ, давајќи ја својата поддршка.

Потоа почнува еден долг преглед на историјата на геноцид врз српскиот народ. Заклучува дека неговата историска анализа докажува дека „трајно и правилно е тоа решение околу кое сите ќе се договорат“.

Карингтон вели: „Ако ми е дозволено да кажам, ова е еден депресивен каталог на тешкотии што ги забележуваме во овој дел на светот. Потоа го уверува Туѓман дека нема човек кој повеќе од него сака да се забрза Конференцијата и дека се разрешени повеќе проблеми отколку што се мисли.

Работите ќе тргнат во позитивна насока ако се одржи прекинот на огнот во Босна. Зборувајќи со проблемот за признавање на Македонија, вели тој е „…во надлежност на дванаесеттемина, а не на оваа конференција“.

Вели дека ова ќе го каже и на следниот состанок на дванаесеттемина по разговорите со претседателот Глигоров.

СПОРОТ ЗА ИМЕТО

Во 12 часот, претседателот Глигоров има средба со Кучан и со словенечката делегација. За недоаѓањето на Изетбеговиќ, Кучан вели дека „тие што му оневозможија да дојде на состанокот се тука“, дека „ова никогаш не се случило и дека ние секогаш наоѓавме начин да дојдеме…“.

Предлага три точки за разговор: организирање состанок за бегалците меѓу Словенија, Хрватска, Босна и Македонија, прашањето за недоаѓањето на Изетбеговиќ и сукцесијата.

Во разговорите, Глигоров чита информација од Атина за апсење четири грчки граѓани и пресуда на 19 месеци затвор заради истакнување на плакатот на кој пишува „Соседите не ни се непријатели“…

Доаѓа Туѓман со министерот за надворешни работи, Шепаровиќ. Кучан повторно накратко ги објаснува трите точки од својот предлог. Потоа се врти кон претседателот Глигоров и раскажува што му рекол Карингтон приватно.

„Кутриот стар пријател Глигоров“, рекол и додал дека не знае како ќе се реши проблемот со Македонија.

Карингтон нагласил дека тој лично се наоѓа во незгодна ситуација: принципите на Бадинтеровата комисија беа јасни, зелено светло за Словенија и за Македонија.

Но, му рекол на Кучан, овој принцип се судри со принципот на единство во ЕЗ. Кучан коментира дека сега Карингтон е заглавен во една невозможна, непринципиелна политика.

Разговорот тече. Зборуваме за спор околу името, кој ни го наметна Грција, немајќи претстава дека ќе трае 25 години, до неговото решавање со Преспанскиот договор.

Во еден момент, Кучан ни вели нам на Македонците дека, сепак, има една добра вест: „Љубљанските весници објавија дека умрел човекот што знаел каде е гробот на Александар Македонски“. Општа смеа!

(Продолжува)

Поврзани новости