Арбер Адеми, по состанокот на ДУИ во Мала Речица, ги соопшти трите точки кои денеска биле дискутирани на состанокот на Централното раководство на партијата.
-Утврдено е дека легитимитетот му припаѓа на Европскиот фронт и на партиите кои го сочинуваат Европскиот фронт во согласност со Охридскиот договор… Овој легитимитет е добиен од гласачите и не може да се отстапи ниту со политички договор за менување на волјата на граѓаните во соодветните институции кои се одговорни за непречено одвивање на процесот – рече Адеми.
Според него, неопходни се уставни измени и ДУИ останува на главниот став искажан пред изборите дека нема формирање Влада без уставни измени.
-Секако дека ова е неопходно. Граѓаните очекуваат нашиот европски пат да продолжи, а уставните измени во согласност со преговарачката рамка се неопходни за такво нешто. Значи остануваме на се што кажавме пред изборите.
И денеска, по изборите, сме на овој прв состанок на Централното претседателство – остануваме на таа главна позиција да продолжиме и да ја обезбедиме европската перспектива, а обезбедувањето на европската перспектива значи и промена на Уставот во согласност со преговарачката рамка одобрена од Европската Унија – рече Адеми.