Во Основниот кривичен суд Скопје, на предлог на одбраната, денеска беа сослушани сведоци, вработени во генералниот секретаријат на Владата во врска со случајот „Софтвери“, во кој првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.
Сослушани беа сведоците Зорица Стојановиќ, Агим Махмути и Мирче Јанев.
Обвинетиот Драги Рашковски преку директно испрашување постави прашања во врска со конкретни докази, дописи и одговори од Владата, во насока на тоа дали сведоците се изготвувачи на истите.
Рашковски ја прашуваше Стојановиќ за дописите што ги изготвувала, а потоа биле испратени до Трајчева. Таа објасни како течело давањето на одговорите. Рече дека тогашниот генерален секретар Мухамед Зеќири, односно неговиот Кабинет, давал насоки за одговори.
Според обвинението, првообвинетиот не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.