На денешното рочиште за „Организаторите на 27 април” во Кривичниот суд Скопје сведочеа двајца сведоци предложени од обвинетиот Владимир Атанасовски.
На почетокот од рочиштето судот извести дека до нив е пристигнат допис од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во кој се вели дека на предложените сведоци им се забранува изнесување на класифицирани информации.
Сведокот Ариф Асани, заменик директор на Биро за национална безбедност при МВР, беше испрашуван од обвинетиот Владимир Атанасовски, но поради забраната за изнесување класифицирани информации од МВР, Атанасовски кажа дека нема прашања.
Борислав Богдановски, вработен како референт во Македонија сообраќај, исто така, беше директно испрашуван од обвинетиот Владимир Атанасовски, со што на неколку прашања одговори дека нема овластување да одговори на истите, поради забраната за изнесување класифицирани информации
Помеѓу другото, вториот сведок од обвинетиот Владимир Атанасовски беше прашан: ,,Дали имавте судска наредба да следите и документирате странски државјанин во РСМ на 27 април?” ,,Дали се работи за лицето Горан Живаљевиќ и негови соработници?”, и, ,,Дали Александар Василевски Нинџа беше соработник на Горан Живаљевиќ?”.
На што сведокот одговори дека нема овластување да одговори на истите.
Прашан дали може да ги сподели неговите задачи и наредби кои ги издавал на вработените на денот на случувањето на 27 април, одговори дека се издавани задачи согласно законските прописи, но, не смее да каже какви.
– Можете ли да ни кажете за тогашната соработка со УБК и ОЈО а сѐ со цел расчистување на настаните на 27 април, праша обвинетиот Атанасовски.
На што сведокот Борислав Богдановски одговори дека соработувале со други органи.
– Ние согласно законот сме соработувале со останати органи, меѓутоа за конкретното не би смееле да зборувам, впрочем за тоа има и писмена кореспонденција од управата,
При што, на крајот, обвинетиот Атанасовски кажа дека е оневозможен од министерот за внатрешни работи, за да излезе на виделина крвавиот настан од 27 април.
На денешното рочиште прашање за вториот сведок постави и обвинетиот Миле Јанакиески.
– Точно ли е дека лицето Александар Василевски Нинџа ниту бил вработен, ниту бил ангажиран, ниту бил соработник на УБК во периодот јануари – мај 2017 година, праша обвинетиот Јанакиески.
На што сведокот одговори дека прашање на ова ќе мора да побара од УБК.
Судот по испрашувањето на двајцата сведоци се повлече да ги разгледа доказите предложени од Владимир Атанасовски прибавени од Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност и Основното јавно обвинителство.