Сосетка на Груевски: За продажбата на нашиот стан се договоривме со луѓе од доверба на Груевски

by fokus

На денешното судење за случајот “Плацевите на Водно”, сведочеше поранешна сосетка на екс премиерот Никола Груевски, од зградата во Бихачка.

На прашање на обвинителката Лиле Стефанова, дали некогаш имала стан на улица Бихачка, сведокот Бисерка Јовановска Ќаева рече:

-Сопственици на тој стан бевме јас и сопругот. Купен беше на кредит и редовно го отплаќавме и го отплативме, посочи сведокот.

Таа појасни дека во зградата влегле меѓу првите, односно во тој ходник имало четири празни стана.

-Станот беше со број 16 и со квадратура од 57 квадратни метри. Имаше и поголем но беше поскап, а имаше и помали, гарсоњери. Нашиот стан беше во иста линија со поголемиот стан кој подоцна го купи тогашниот премиер Никола Груевски, рече сведокот.

Таа појасни дека станот го купиле за својата ќерка која била студентка, а која го користела понекогаш.

-Постојано имаше контроли, не дека ни досадуваа, но бевме легитимирани од обезбедувањето, па затоа решивме да го продадеме и да купиме помал, рече таа.

Сведокот одговори и дека му понудиле на премиерот да го купи станот, но и на останатите соседи.

-Лично не се видов со премиерот, односно се сретнавме со луѓе негови блиски, овластени од него, отидовме на нотар и се изврши таа купопродажба. Ви реков и претходно, се видов со неговите луѓе од доверба и се договоривме за цената, сведочеше Ќаева.

Груевски живееше во стан, дуплекс, во зграда на Бихачка, а според обвинението за “Плацевите на Водно”, имал уште два стана во истата зграда, кои биле сокриени зад други имиња. Поточно, едниот стан за кој сведочеше сосетката на Груевски, на хартија го купила фирма.

Судењето е во тек.

В.В.

Поврзани новости