„Сорос“ го преживеа Груевски, ама нема да ја преживее трансформацијата?

by fokus

Фондацијата на Џорџ Сорос, „Отворено општество“ ќе помине низ трансформација на мрежата на канцеларии кои ги има низ државите. Веќе излегоа неофицијални информации дека канцеларијата во Скопје ќе биде затворена, а проектите за Македонија ќе бидат менаџирани преку канцеларија во Тирана, Албанија.

Директорката на „Отворено општество“  Македонија, Фани Каранфилова-Пановска не сакаше да даде директен одговор дали ќе се затвори канцеларијата во Скопје.

Деновиве ќе споделиме официјално соопштение до сите медиуми околу трансформацијата на националните фондации Отворено општество, кратко ни изјави Каранфилова-Пановска.

Фондацијата ја отвори својата канцеларија во Скопје во 1992 година, а оттогаш до денес има вложено повеќе од 100 милиони долари во Македонија.

Поддршката во најголем дел е изразена преку грантови за граѓанските организации, неформални групи и индивидуалци, кои во повеќе области работат на промовирање на вредностите на отвореното општество.

Кон крајот на 2016 година, непосредно по парламентарните избори, откако стануваше се поизвесно дека ВМРО-ДПМНЕ нема да успее да формира влада, Никола Груевски на протест пред ДИК против изборните резултати најави „десоросоизација“ на Македонија.

Ќе се бориме за десоросоизација на Република Македонија и јакнење на независен граѓански сектор кој нема да биде под ничија контрола. Ќе се пристапи кон регулирање на областа на функционирање на невладините организации по теркот на најнапредните демократии во светот, рече тогаш Груевски.

По говорот на  Груевски пред ДИК, власта започна хајка против невладините организации кои таа ги окарактеризира како државни непријатели и почна да им испраќа инспекции по разни основи.

По формирањето на новата влада предводена од СДСМ, истрагите против невладините организации беа затворени, а министерот Оливер Спасовски рече дека не било откриено ништо незаконско.

К.С.Б.

 

 

Поврзани новости