„СОРАВИА“ ПАДНА ВО СТЕЧАЈ: Пресретнат е обидот за продажба на деловниот центар преку извршител!

На предлог на „Тхор Индустриес“ во сопственост на Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, скопскиот граѓански суд отвори стечајна постапка за друштвото „Соравиа Инвест“, со што се спречи обидот за продажба преку извршител на атрактивниот деловен центар во центарот на Скопје.

by Фокус

На почетокот на април годинава, „Фокус“ објави дека деловниот центар „Соравиа“ во строгиот центар на Скопје, кој влезе во фокусот на јавноста поради контроверзниот процес на промена на сопственичката структура на компанијата што го поседува атрактивниот објект – „Соравиа Инвест“, е ставен на продажба од страна на извршител, по барање на доверител за спроведување на извршување од над 930 илјади евра.

„Соравиа“ оди на продажба преку извршител!

Како што обелоденивме тогаш, извршителот Андреја Буневски кон крајот на март донел заклучок за усна јавна продажба на недвижниот имот во рамки на деловниот комплекс „Соравиа“, врз основа на барањето за спроведување на извршување во вредност од 930.425 евра од страна доверителот „Прва Инвестициона Банка“ со седиште во Софија, засновано на извршна исправа Солемизација на договор за залог од 02.09.2022 година против должникот „Соравиа Инвест“.

Притоа, почетната вредност на недвижноста, утврдена со заклучок на извршителот Буневски, изнесуваше 1.377.978.526 денари или околу 22,4 милиони евра, под која недвижноста не можеше да се продаде на првото јавно наддавање. Дополнително, беше наведено дека на јавното наддавање можеа да учествуваат само лица кои претходно положиле гаранција во висина од една десетина од утврдената вредност на недвижноста, односно во износ од 137.797.853 денари или околу 2,2 милиони евра.

„Должникот кој како сопственик домува во продадената семејна станбена зграда или стан не го задржува правото да домува тука и е должен зградата, односно станот да ги испразни во рок од 30 дена од денот на доставувањето на заклучокот за предавање во владение на недвижност, а ако тоа не го стори, извршителот на предлог на купувачот присилно ќе го изврши испразнувањето на зградата, односно станот“, стоеше, меѓу другото, во заклучокот.

Патем, во него беше опишан недвижниот имот што оди на продажба преку 23 точки, со кои всушност е опфатен имот кој се наоѓа на 2 катастарски парцели во рамки на катастарска општина Центар 1. Тоа се КП 12082/2, со која е опфатен најголем дел од објектот „Соравиа“, но помал дел од имотот што го поседува „Соравиа Инвест“ преку имотен лист 44990 отпаѓа и на соседната КП 12070 – голема парцела каде влегува соседниот Градски трговски центар.

Станува збор за земјиштето под објектот „Соравиа“ од 1.333 квадратни метри и внатрешна површина означена како деловна зграда во стопанство со вкупна квадратура од 13.661 квадрати. Покрај тоа, тука влегуваат и т.н. деловни простории од вкупно 3.241 квадратипомошни простории од типот на тераса и балон од вкупно 480 квадрати, како и гаражи од вкупно 5.408 квадрати. Севкупно, се работи за недвижност од 22.790 квадрати, која месецов оди на продажба за почетна цена од 22,4 милиони евра.

Поточно, лицитацијата за продажба на овој имот беше закажана за 24-ти април. Иако од тогаш до денес поминаа речиси 2 месеци, не беше објавена никаква информација околу најавеното јавно наддавање за продажба на имотот, кој важи за исклучително вреден, иако беше обременет со низа товари. Имено, во 2021 и 2022 година е заснован договор за залог во корист на „Прва Инвестициона Банка“, а и годинава пристигнале неколку налози за извршување кај повеќе извршители.

Затоа, неодамна се обративме до извршителот Буневски, кому му упативме неколку прашања: Дали се одржа најавената аукција за продажба на „Соравиа“; Ако се одржала – колку и кои компании учествувале на наддавањето; Дали се избрал најповолен понудувач; Каква била неговата понуда итн.? Меѓутоа, од него не добивме никаков одговор.

Во меѓувреме, до Централниот регистар беше доставена информација дека Основниот суд Скопје 2 на 8-ми мај годинава донел решение за поведување на претстечајна постапка за испитување на условите за отворање на стечајна постапка над должникот „Соравиа Инвест“. Патем, се наведува дека било закажано рочиште поради изјаснување по предлогот за отворање на стечајна постапка на 2-ри јуни годинава. Оттука, се обративме до граѓанскиот суд, од каде не информираа дека била донесена одлука да се отвори стечајна постапка.

Со решение I.СТ-81/25 I.СТ-82/25 на Основниот граѓански суд Скопје од 02.06.2025 година, е отворена стечајна постапка над должникот Друштво за градежништво и услуги СОРАВИА ИНВЕСТ ДООЕЛ Скопје. Предлагачи-доверители за отворање на стечајна постапка над должникот Друштво за градежништво и услуги СОРАВИА ИНВЕСТ ДООЕЛ Скопје, се правното лице ДПТУ ТХОР ИНДУСТРИЕС ДООЕЛ Скопје и должникот Друштво за градежништво и услуги СОРАВИА ИНВЕСТ ДООЕЛ Скопје преку овластено лице Егзона Ризмани, не информираа од Судот.

Инаку, за привремен стечаен управник е определен Агрон Арифи, кој во разговор за „Фокус“ ја потврди информацијата дека веќе е отворена стечајна постапка за „Соравиа Инвест“ на предлог на самата компанија и на сопственикот кој оперираше со неа – „Тхор Индустриес“ на Ахмети, со што практично се спречил обидот за продажба на деловниот центар од страна на извршител. Во ваква ситуација, вели тој, секој доверител ќе може да пријави побарувања.

За тоа ќе се одлучува на рочиште во септември – вели Арифи, кој бил задолжен да го заштити имотот на должникот, да дава согласност на органите за управување на должникот за водење на работењето се до донесување на одлука за отворање на стечајна постапка со цел да се избегне значително намалување на имотот, да испита дали должникот има имот за намирување на трошоците на стечајната постапка и побарувањата на доверителите, како и да изготви извештај за економско финансиската состојба на должникот.

Откако извршителот Буневски ја стави „Соравиа“ на продажба, јавно реагираа од „Соравиа Инвест“, истакнувајќи дека активно ги бараат сите правни процедури и акции за да се запре најавеното извршување и лицитација на имотот. Истовремено, како што посочија, утврдуваат дека овој процес на заплена е инициран незаконски и еднострано од повеќе доверители во наводен дослух со поранешното раководство на зградата. Воедно, од таму известија за ребрендирање на „Соравиа“ во „Кула Валхала“.

„Како дел од нашата енергична одбрана на нашите сопственички права, официјално е поднесена кривична тужба до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција. Оваа правна постапка бара целосна истрага за околностите околу обидот за извршување. Прикажавме докази и наводи дека процесот на аукцијата е резултат на недозволени и дослухни активности и ги повикуваме властите темелно да ја испитаат оваа работа“, соопштија тогаш од компанијата.

За потсетување, во 2023 година започна операција за промена на сопственичката структура во „Соравиа Инвест“. Како што е познато, тогаш беше обелоденето дека албанската „Пе-Вла-Ку“ и домашната „Тхор Индустриес“ во сопственост на Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети, ќе го преземат деловниот објект „Соравиа“ од Хано Соравиа. По многу перипетии, сепак, оваа операција никогаш не беше завршена.

Според Бизнис мрежата, споменатата „Соравиа Инвест“ моментално е во сопственост на „Ханно Соравиа ГмбХ“ и плус на еден субјект – „Реитергут ХС ГмбХ“, а управител е Егзона Ризмани. Порано, Ризмани беше управителка и на „Соравиа Менаџмент“, како и на „Тхор Индустриес“ на Дрин Ахмети, кој, пак, претходно беше управител на „Соравиа Инвест“. Во моментов, оваа и други поврзани компании имаат блокирани банкарски сметки и долгови кон УЈП, а во Јавното обвинителство се води предистрага.

„Соравиа“ стана „Кула Валхала“ во процес на извршување: Продажбата е незаконска, поднесена е кривична!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости