Откако пратеникот и фронтмен на огнената фракција во ДУИ Изет Меџити го официјализираше процесот на формирање на нова политичка партија, се создадоа основните предуслови за обединување на албанската опозиција, откако претходно рака си подадоа и Биљал Касами и Африм Гаши, кои решија да го надминат анимозитетот создаден во времето од расколот во БЕСА.
Според неофицијални информации, веста за зближување со Алтернатива не била најпозитивно примена од цело раководство на БЕСА, поточно од функционерите што доаѓаат од Скопје и скопскиот регион, бидејќи токму таму е најсилна Алтернатива, па скопското крило на БЕСА ќе треба да даде најголеми концесии при евентуална изборна соработка.
Добро упатени партиски извори посочуваат дека еден од оние што имал дилеми е потпретседателот на БЕСА Аријанит Хоџа, кој важи за близок со пратеникот Бастри Бајрами – двајцата своевремено беа дел од Нова демократија на Имер Селмани.
-Ништо конкретно не се расправало во органите на партијата така што до моментот на целосно информирање во раководните структури се останува во ниво на шпекулација во јавноста – кусо ни одговори Хоџа.
Владини извори за „Фокус“ брифираат дека постои можност за соработка со дел од БЕСА, но воедно додаваат дека работат и со фракција од Алтернатива, која исто така контролира еден пратеник, со што би компезирале дел од штетата што им ја направија „огнените“, откако повлекоа тројца пратеници од владината коалиција (Изет Меџити, Мерита Коџаџику, Кастриот Реџепи), па парламентарното мнозинство падна од 64 на 61.
Во таа насока, нашите соговорници посочуваат дека бизнисменот Аднан Исмаили, кој важи за еден од основачите и своевремено главен идеолог и финансиер на БЕСА, додека неговата структура по расколот се префрли во Алтернатива, присуствувал на роденденот на ДУИ, а наводно на иста линија со него бил и пратеникот Хисни Исмаили.
Дека има превирања во Алтернатива, потврдија и од самата партија, истакнувајќи дека неколку членови бараат разрешување на дел од партиското раководство, што, според нив, е директно поврзано со можноста за соработка меѓу Гаши, Касами и Меџити. Фактот дека опозицијата се обединува, според Алтернатива, ја загрозува ДУИ на следните избори.
„Тоа ја принудува партијата СОРАВИА да преземе мерки, користејќи ги сите алатки за да ја саботира оваа опозициска консолидација. Ова е стара игра на оваа партија со енверистичка матрица. Вистината не може да се затаи. На следните избори партијата СОРАВИА, со сите нејзини НОН ГРАТА експоненти, ќе оди во историјата на срамот“, порачаа од Алтернатива.
Инаку, Изет Меџити вчера ни изјави дека тој ќе биде лидер на новото опозициско движење, кое всушност ќе функционира како класична партија во опозиција, чија цел ќе биде обединување на опозицијата. Но, очигледно е дека овој процес за консолидација на политички фронт наспроти ДУИ нема да оди лесно, бидејќи Али Ахмети има свои адути во ракавот за да го опструира.
Изет Меџити-лидер на нова партија: Веќе нема простор во ДУИ, целта ни е обединета опозиција!
Влатко Стојановски