Ние со соседите треба да градиме мостови на пријателство и да гледаме кон иднината. Доколку се навраќаме на личности од минатото, за кои што има различно мислење, тоа нема да биде на корист на никого и тоа ќе влијае за лош однос меѓу граѓаните и помеѓу двете држави, изјави премиерот Димитар Ковачевски за отворањето на бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола.
-Во однос на настанот кој се случи во саботата, тој настан не претставува ништо повеќе од провокација бидејќи ги буди духовите од минатото, бидејќи се работи за личност која што била соработник и на Хитлерова Германија и на Мусолинова Италија и на Павелиќ и со тоа воопшто не може да придонесе како личност која што е мост за иднината за пријателство меѓу двата народи и како мост за европскиот пат на државата.
Овој настан може да претставува единствено провокација која што не оди во насока на подобрување на односите и во финализирање на еден успешен дијалог со постигнување на договор, рече Ковачевски.
Тој кажа дека владата ќе го разгледа прашањето дали граѓанско здружение може во Македонија да се регистрира под името „Иван Михајлов“.
– Како Влада ќе ги собереме сите информации во однос на користењето на имињата кога станува збор за регистрирање на здруженија на граѓани. Веќе имаше некои коментари од адвокати, идната недела ќе ве информираме за резултатот, одговори Ковачевски на новинарско прашање.