Славјанка Петровска е предлог на мандатарот Димитар Ковачевски за нова министерка за одбрана. Таа треба да ја наследи Радмила Шекеринска која одлучи да се повлече.
Петровска во минатото беше соработничка токму на Шекеринска во Секретаријатот за европски прашања. Имено, таа беше дел од Секретаријатот во времето на Шекеринска, односно од 2003 до 2006 година. Тогаш Македонија го доби кандидатскиот статус за ЕУ.
Од 2006 година па се до 2015, Петровска работи во Собранието на две различни позиции. Прво, во Секторот за меѓународна соработка, а потоа во Секторот за поддршка на Националниот совет за евроинтеграции.
Највисоката фунција која ја имала Петровска е технички заменик-министер за внатрешни работи во Пржинската влада во 2020 година, кога технички министер беше Чулев од ВМРО-ДПМНЕ.
Идната министерка за одбрана му беше блиска соработничка и на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Од јуни 2017 година, па се до Пржинската влада беше шефица на кабинетот на министерот.
Откако СДСМ формираше нова влада во 2020 година, а Спасовски доби нов мандат како министер, Петровска стана пратеничка во Собранието, што и денес се уште е.
Таа во јавноста стана актуелна како водечко лице кое ги презенираше скандалите на ВМРО-ДПМНЕ во изминативе неколку години. На прес конференции кои ги држеше таа беше презентирана аферата со парцелите кои ЕВН ги купувала во Делчево, а за кои посочи дека е вмешан телохранител на Христијан Мицкоски, како и аферата со бугарското државјанство на новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.
Катерина Смилева Божиновска